Бремени жени, самохрани мајки, работнички пред пензија, хронични болни, мајки на деца до 10 години, од март минатата година се жртви на состојбата предизвикана од корона кризата, но и жртви на несовесноста и нехуманоста на дел од работодавачите во текстилната индустрија.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец за „Слободен печат“, вели дека во целата ланска година, се искористувал стравот и незнаењето на работничките, и на потпис им се давале разни штетни анекси, откази, спогодби и изјави, се со цел, газдите да не им исплатат опремнина согласно видот на отказот, кој де факто е од деловни причини на фирмата и работодавачот.

-Не успеавме и покрај сета дадена правна помош, изјави, апели, надзори од инспекции, да спречиме да не се потпишуваат. Дури откако ќе ја видат штетата, тогаш ни се јавуваат, а тогаш не сме во можност да сториме ништо освен да ги препратиме да го побараат нивното право на надомест од Агенцијата за вработување. Секако, доколку знаеме дека не се потпишале, а се одјавени поради разни причини, по нашата пријава до трудовите инспектори, тие беа успешно вратени на работа – додава Ампева.

Поради кризата, 7.000 лица останаа без работа во текстилната индустрија, а според податоците на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, петте општини со највисок пораст на невработеноста се: Штип, Тетово, Скопје, Прилеп и Куманово, каде што се лоцирани најголемиот број на вакви фанрики. Најчеста основа за прекинување на работниот однос во овој сектор, во последните 5 години е истекот на определено време. Во 2020 година овој основ бележи раст од 123 отсто.

Триесет годишната експлоатација и нефункционирањето на синдикатите во приватниот сектор, си го зело данокот во оваа најтрудоинтензивна гранка.

-Жртви повторно се жените, оние со секогаш ниски примања, оние кои работат во индустрии каде е застапена женска работна сила. Тие најмногу ја почувствуваа оваа криза – заклучува Ампева.