Најновата проценка на Меѓународниот монетарен фонд за светската економија предвидува дека глобалното опоравување повторно ќе забрза, но одличните прогнози се само за оваа година. После тоа повторно се очекува доаѓање на олујни облаци.
Министрите за финансии од целиот свет, кои оваа седмица се собираат во Вашингтон, сигурно повеќе би сакале да се концентрираат на позитивните прогнози, но кога ќе се изгаснат камерите и кога ќе завршат самоуверените настапи, па ќе се погледне понапред во иднината, сите тие моќни финансиски експерти, министри и банкари, се свесни дека ова што се случува е предобро за да потрае.
Тоа го потврдила и шефицата на ММФ, Кристин Лагард. Растечкото ниво и на долговите и трговската војна меѓу двете најголеми светски економии, претставуваат закана по глобалната економија, која со години не била во толку добра состојба, предупредила таа.
“Трговската војна нема да биде нешто што ќе погоди само две држави, бидејќи целиот свет е поврзан. Таа ќе ја погоди глобалната економија”, им рекла Лагард на новинарите во Вашингтон, алудирајќи на американско-кинеските трговски тензии.
ММФ предвидува дека глобалната економија ќе порасне по стапка од 3,9 проценти во оваа година, со најбрзо темпо од 2011. година, но Лагард порачува дека на “на хоризонтот се појавуваат се повеќе облаци”, како што се трговските тензии растечкиот глобален долг, кој достигнал рекордни 164 милијарди долари.
Предупредува и дека долговите на владите во развиените светски економии се највисоко ниво од Втората светска војна. Европејците, поради тоа, имаат најмногу причини за загриженост, со оглед на тоа дека сеопфатната трговска војна никогаш не била поизгледна по царините кои американскиот претседател ги вовел на кинескиот челик.
Блискиот исток повторно би можел да стане големо бојно поле поради војната во Сирија, а се поизгледно е дека САД ќе се повлече од иранскиот нуклеарен договор.
Русија, меѓутоа, постепено се одвојува од глобалната економија по западните санкции поради политиката на Путин. Во меѓувреме, Европа се соочува со излегување на Велика Британија од ЕУ, која станува се покревка.