Работната група, формирана со одлука на Владата, утре треба да одржи консултативен состанок на кој ќе се разговара за законот за минимална пензија. Како што веќе најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на првиот консултативен состанок на работната група ќе учествуваат претставници на сите релевантни институции, а ќе се разговара за сè што е потребно да се подобри животниот стандард на пензионерите.
– По примерот на Законот за минимална плата во државата, со закон ќе ја утврдиме и минималната пензија – рече вчера Тренчевска.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, реагира дека проблемите со пензиите настанале кога го укина актуелната влада претходниот систем, со кој два пати годишно растеше пензијата – според растот на трошоците за живот и според растот на просечната плата.
– Кога беше укинато тоа од актуелната влада на ДУИ и СДСМ, тоа беше претставено како реформа во пензискиот столб и тука е суштинската грешка, кога пензиите не го следеа растот на минималната и на просечната плата во државата. Оваа година, Владата го врати оној истиот стар систем уште од времето на ВМРО-ДПМНЕ, кога пензиите се нивелираа два пати годишно, и го претставија тоа во јавноста како швајцарски модел. Тука е загубен чекорот на исплата на пензиите со минималната, односно просечната плата – рече вчера Мицкоски.
Според него, кај пензионерите постои незадоволство бидејќи цените растат, а инфлацијата е огромна.
Одлуката за формирање работна група за изработка на законот за минимална пензија беше донесена минатиот месец, по серијата протести на пензионерите низ земјава, со кои побараа линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари од септември годинава, како и минималната пензија да изнесува 18.000 денари.