Германските индустриски компании сè повеќе го преселуваат производството во странство, а главната причина се производствените трошоци, објави Германската индустриска и трговска комора (ДИХК).

Повикувајќи се на сопственото истражување, ДИХК наведува дека 35 отсто од компаниите се одлучиле на тој чекор поради високите цени во земјата – највисоки од финансиската криза во 2008 година.

– Заминувањето на компаниите поради скапата енергија, парализираната бирократија и растечкото даночно оптоварување испраќа опасен сигнал – изјави членот на извршниот одбор на ДИХК, Волкер Трејер.

Студијата е објавена во време кога германските демохристијани и социјалдемократи почнуваат да подготвуваат програма за идната коалициска влада.

Во подготвителната фаза од преговорите, двете страни се договорија да се растовари економијата со намалување на данокот на струја барем до европскиот просек, како и со намалување на бирократијата.

Претседателот на ДИХК, Питер Адријан, тогаш изјави дека „на економијата и треба повеќе слобода, помалку трошоци и поефикасна администрација“.

Речиси две третини од компаниите, или 64 отсто, ја наведоа еврозоната како најважна област за инвестирање, додека Северна Америка доби на важност од претходното истражување.

Уделот на компаниите кои планираат инвестиции во Америка се зголеми од 45 на 48 проценти. Во исто време, во Германија речиси две петтини од компаниите планираат да ги намалат инвестициите, пишува Каматица.