Сè повеќе индустриски компании планираат да се преселат од Германија, пред се поради високите цени на енергијата, покажаа резултатите од неколку германски истражувања.
Речиси една третина од компаниите кои учествувале во истражувањето ги преселуваат погоните во странство, односно го намалуваат производството дома или имаат такви планови, пренесува ДПА.
Вакви компании има двојно повеќе од минатата година, покажуваат податоците на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК).
Преселбите најчесто се планирани од компании со 500 или повеќе вработени: 43 отсто се подготвуваат за преселба или веќе ги преселиле своите капацитети во странство. Овие компании често се тесно поврзани со други земји и се соочуваат со особено тешка конкуренција.
Загриженоста на компаниите за нивната конкурентност драстично се зголеми, рече заменик-генералниот директор на ДИХК, Ахим Деркс.
Бизнисмените имаат многу мала доверба во енергетската политика на германската влада. Многумина не очекуваат подобрување на среден и долг рок.
Компаниите го префрлаат производството во САД, на пример, затоа што американската влада усвои програма за економски субвенции во вредност од милијарди долари.
Но, Деркс го спомена и преместувањето на производството или изградбата на нови капацитети во Франција, каде што цената на струјата за индустријата е пониска.