Во земјава, бројот на угостителски објекти се намалува. Стопанствениците сè повеќе ставаат клуч на врата…
Недостигот од кадар, скапата индустриска струја и последиците од пандемијата се главните причини што сè повеќе угостители ставаат клуч на врата. Од македонското угостителско милје исчезнуваат и слаткарници, ќебапчилници, чајџилници, пицерии, покажува статистиката за измината година. За само две години, се затвориле дури 100 објекти. Според угостителите, овој тренд ќе се влошува поради наглото иселување од земјава.
Угостителите, велат, се соочуваат со исклучително тешка ситуација, во која не можат да ги планираат своите идни чекори.
Тешка ќе биде состојбата и во иднина поради што сè повеќе млади заминуваат во странство, и затоа се затвораат домашните локали.
Дека дојде време кога земјава ќе увезува келнери, готвачи и хотелиери, потврдуваат и бизнисмените. Конкретно, освен во Скопје, тоа ќе биде пракса и во туристичките центри, се со цел да не згаснуваат бизнисите.
И додека двојно е намален бројот на кафеани во земјава, стопанствениците предупредуваат дека од година во година состојбата станува сè поалармантна, оти како што велат, ќе дојде ден кога нема да има кој да работи.
Македонските угостители, за плата од над 2.000 евра, масовно одат на работа во Хрватска, Грција, Кипар.