И компаниите и граѓаните годинава се очекува да бараат повеќе кредити од банките, но поголеми се шансите граѓаните да добијат поголема финансиска поддршка од банките отколку корпоративниот сектор. Тоа го навестуваат досегашните кредитни политики на банките.

Во последните години обемот на вкупни кредити на банките кон домаќинствата се доближува до износот на вкупни кредити кон компаниите. И вкупната кредитната изложеност на банките кон други финансиски институции и кон државата речиси е еднаква со изложеноста кон корпоративниот сектор.

Податоците на Народната банка за кредитната активност на банките во земјава заклучно со декември 2023 година покажуваат дека банките имаат пласирано кредити во вкупен износ од 244.795 милиони денари кај домаќинствата. Кредитната изложеност кон компаниите изнесува 276.240 милиони денари, а кон финансиските институции и кон државата 268.448 милиони денари. Ова практично значи дека трите сектори се речиси изедначени.

Оваа слика беше многу поразлична пред 10 години. Во 2013 година, кредитните пласмани на банките кај граѓаните беа речиси за 50% помали отколку кај компаниите. На крајот од 2013 година, кредитната изложеност кон корпоративниот сектор изнесуваше 166.673 милиони денари, а кон домаќинствата 103.937 милиони денари. Оттогаш наваму, кредитирањето на компаниите расте со побавно темпо отколку кредитирањето на граѓаните и на финансискиот сектор и на државата.

Ова претставува неповолен тренд за домашната економија затоа што евидентно е зголемено задолжување на граѓаните кај банките, но нема позначителен раст на инвестициската активност на компаниите, која треба да резултира со поголем економски раст кој може да издржи и поголема задолженост на државата и на граѓаните.

Напротив, податоците од Народната банка покажуваат дека компаниите во минатата година најмногу се обраќале кај банките за задолжување за алтернативно финансирање на бизнисите, односно за инвестиции во залихи и обртен капитал, интерно финансирање, престуктуирање на долгот и за заеми од останати банки.

 

Кои компании земаат најмногу кредити од банките?

Кога се анализираат кредитите на банките кон компаниите, пак, може да се забележи дека доминираат трговијата на големо и мало. Од вкупно 276,2 милијарди денари пласирани кај компаниите заклучно со декември 2023 година, дури 82 милијарди денари се кредити за трговците, што е безмалку една третина од вкупните пласмани. Кредитирањето на трговците од страната на банките во 2023 година е зголемено за 4% во споредба со 2022 година.

Градежништвото има земено кредити во вкупен износ од 43,8 милијарди денари заклучно со 12.2023 година. Кредитите за градежните компании бележат раст од 6,4%. Потоа следуваат кредитните пласмани во дејноста снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (21,7 милијарди денари), транспорт и складирање (18,1 милијарда денари), производство на метали, машини, алати и опрема (18 милијарди денари) и прехранбената индустрија (17,2 милијарди денари).

Во последните 10 години трговијата е постојано доминанта во привлекувањето кредитна поддршка од банките. Притоа, во овој период кредитирањето на трговските компании бележи раст од 51%.

Најголем процентуален раст на кредитната изложеност од дури 193% се забележува кај компаниите од секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Потоа следува секторот дејности во врска со недвижен имот, со раст на кредитната изложеност од 132% во последните 10 години. Најмал раст на кредитната изложеност има кон компаниите од земјоделството, шумарството и рибарството, текстилната и хемиската индустрија и кон производството на метали, машини, алати и опрема.

 

Граѓаните најмногу користат потрошувачки кредити

Зголемената задолженост на граѓаните во банките, пак, најмногу се должи на потрошувачки кредити. Тие се најомилени за задолжување на граѓаните или, пак, можеби најлесно достапни за нив.

Од вкупната кредитна изложеност на банките кон физичките лица во износ од 244.795 милиони денари, дури 122.702 милиони денари, односно половина се потрошувачки кредити.

После потрошувачките кредити доаѓа кредитната изложеност по основ на станбени кредити, која изнесува 83.169 милиони денари заклучно со декември 2023 година. Следуваат кредитните картички со 19.964 милиони денари и негативните салда по тековни сметки со 14.199 милиони денари.

Граѓаните најмалку се задолжени кај банките по основ на автомобилски кредити, кои ретко која банка и ги нуди, и по основ на кредити за набавка и реновирање деловен простор.

Редакција Пари