Историската потрага по злато, која го карактеризираше 19 век, можеби е зад нас, но модерната „златна треска“ не исчезна. Светот моментално е во еден таков бран.

Додека геополитичките тензии, идеолошките поделби и економската неизвесност го делат светот на различни блокови, многу земји, особено оние во развој, почнаа да акумулираат злато како подготовка за потенцијалниот колапс на глобалниот финансиски систем, во кој моментално доминираат САД и Европа, пишува Политико.

Овој тренд, кој трае веќе десет години, годинава дополнително се забрза поради падот на каматните стапки на глобално ниво. Цената на златото неодамна за прв пат надмина 2.800 долари за унца, со раст од дури 35 отсто оваа година. За споредба, американските акции пораснаа за 20 отсто, додека европските берзански индекси забележаа значително помали стапки на раст. Голдман Сакс предвидува дека цената на златото може да достигне 3.000 долари за унца до крајот на следната година.

Централните банки се клучните двигатели на овој тренд. Земјите кои веќе чувствуваат или стравуваат од американските санкции, како Кина и Русија, се меѓу најголемите купувачи. Од почетокот на војната во Украина, Кина купила 316 тони злато, додека централните банки на Блискиот Исток, Централна Азија и Индија се исто така значајни учесници на пазарот.

Европа се врти кон златото

Полска и Унгарија го предводат трендот во Европа. Полска има за цел да ги зголеми златните резерви на 20 отсто од вкупните резерви, додека Унгарија продолжи со купувањето злато во септември по тригодишна пауза.

„Во услови на растечка неизвесност, златото се издвојува како безбедно засолниште и чувар на вредноста“, изјави претставник на Националната банка на Унгарија, за бриселски Политико.

Еден европски централен банкар, кој сакаше да остане анонимен, уште подраматично ја опиша ситуацијата: „Тоа е знак за претстојните војни“.

Златото се повеќе се перципира како неутрална и стабилна основа за алтернативен финансиски систем кој би бил независен од американското влијание. Но, процесот е долг. Додека развиените економии веќе чуваат 70 отсто од своите резерви во злато, земјите од БРИКС го имаат тој удел од само 10 отсто, а најголемиот дел од резервите остануваат деноминирани во долари.

„Ова значи дека земјите од БРИКС ќе продолжат да купуваат злато на долг рок“, вели Дејвид Вилсон од БНП Парибас.

И приватните инвеститори ги зголемуваат инвестициите во злато. Нето бројот на фјучерси договори за злато, според податоците на американската Комисија за берза на стоки (CFTC), се зголемил за три пати во текот на изминатите 12 месеци. Така, златото станува привлечно дури и во период кога каматните стапки на централната банка беа високи, што претходно обично ги одвраќаше инвеститорите.

„Во време на криза, луѓето секогаш се вртат кон златото“, посочува Кришан Гопаул од Светскиот совет за злато.

Златото ја симболизира довербата илјадници години, а за многу централни банки претставува „последна линија на одбрана“. „Златни шипки за централните банки се како дедовиот златен часовник за семејствата“, заклучува историчарот Салваторе Роси.