Нуклеарната централа Белене во Бугарија е најбрзиот и најефтин начин Македонија да обезбеди базна енергија на подолг рок, смета државава.
Но, според вицепремиерот Анѓушев, тоа е далеку од реализација.
Кон крајот на мај годинава беше објавен повик за изразување интерес за стратешки инвеститор во Белене. Владата објави дека е сериозно заинтересирана да инвестира, но, се уште се чека конкретна понуда.
„Ние како држава треба да го видиме нашиот интерес да учествуваме во таков проект бидејќи со тек на време ќе ја губиме нашата базна енергија, немајќи јаглен. Вие знаете таа се произведува од јаглен, гас, нуклеарно гориво. Се уште концептот и од бугарска страна не е јасен, и тие немаат до крај изградено финансиска конструкција ниту структура на заинтересирани страни. Гледам дека целиот регион изразува интерес за учество во тој проект. Мислам дека е многу далеку да се зборува за некоја конкретна реализација.“ – изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Анализите покажуваат дека земјава ќе има јаглен за само уште 15 години. Како долгорочно ќе се снабдуваме со сите енергенси, вклучително и електричната енергија, се предвидува во енергетската стратегија која е во фаза на подготовка. – изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
„Во подготовка е енергетска стратегија на државата која требаше да биде донесена пред неколку години, но за жал не беше донесена. Согласно законот за енергетика имаме обврска да ја донесеме, таа се изработува со британски фонд кој го плати тоа, а подизведувач е МАНУ.“ – додаде Анѓушев.
Според најавите стратегијата треба да биде готова во септември.
Сепак не е прв пат, Македонија да гледа спас во нуклеарката Белене за обезбедување на базна енергија. Проектот постои веќе 40 години, но неговата изградба се одложува.
За изградбата на Белене, во малото градче на бугарско-романската граница, на референдум беа прашани и граѓаните на Бугарија. „За“ се изјаснија дури 60%. Но, освен големите финансии, изградбата ја кочеше и политичкиот притисок од ЕУ, САД и Русија.