Владата на денешната седница го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ придружен со фискална сметка за промет до 6000 денари. Според предлагачот, на тој начин во голема мерка се заштедува на време, хартија и на административна постапка.
Со предложениот закон се врши и зголемување на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари. Се пропишува и можност даночните обврзници кои се регистрирани за цели на данокот на додадена вредност да имаат право на одбивка на претходен данок со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно со Закон за регистрирање на готовински плаќања. Предложените законски измени ќе бидат испратени на усвојување во Собранието, велат од Владата.
На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои Информација за потребата од донесување на нов Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти, и го задолжи Министерството за транспорт и врски да достави Предлог на Закон за утврдување на правен статус на бесправни објекти до Владата на Република Северна Македонија, во рок од 15 дена од денот на усвојувањето на оваа информација.