Цените на суровата нафта на светските берзи растат од крајот на јуни кога се тргуваше по цена од 70 до 75 долари за барел. Повеќето аналитичари сметаат дека цената ќе надмине 100 долари за барел до крајот на годината, а тоа би можело да ја искомплицира ситуацијата со инфлацијата во ЕУ и во САД.
Состојбата со дизелот е уште полоша. Најверојатно ќе избие глобален недостиг, а со месеци цената на дизелот расте побрзо од цената на суровата нафта. Ефектот врз сопствениците на патничките автомобили со дизел е само мал дел од проблемот, бидејќи движењето на цените на дизелот се прелева во целата економија.
Недостигот од дизел веќе се чувствува низ целиот свет преку поскапувањето на ова гориво. На пазарот има недостиг од десетици милиони барели и покрај забавувањето на индустриската активност во Кина и ЕУ. Всушност, производството сè уште не се вратило на нивоата пред пандемијата.
Русија реши да ја искористи ситуацијата, па драстично го намали извозот на овој енергетски производ. Иако ова директно се однесува првенствено на кинескиот пазар, бидејќи САД и ЕУ воведоа санкции кон Русија, дефицитот поради послабиот увоз од Русија мора да се замени со увоз од други делови на светот. Кина е голем увозник на сурова нафта од Русија, но и на нафтени деривати како што е дизелот., пренесува Фокус.