Синдикатите и работодавците во градежната индустрија во Германија договорија нова минимална плата за час за градежните работници, која што ќе биде 12,55 евра за помошници и 15,40 евра за квалификувани работници, објави во четвртокот градежниот синдикат „IG BAU“.
– Сега работодавците треба да ги отстранат последните пречки за покачување на долната граница за минималната плата за час во градежниот сектор, рече Роберт Фегер, претседател на градежниот синдикат „IG BAU“, откако синдикатите официјално се согласија за договор постигнат со работодавците во декември.
Според тој договор, минималната плата за час во градежниот сектор ќе биде поголема од 1 април.
Зголемувањето на платата за час за градежните работници се однесува на сојузните држави кои некогаш припаѓале на Западна Германија. Досега не е постигнат договор за источните сојузни држави.
Повеќе од 200.000 вработени во градежниот сектор ќе профитираат од новата минимална плата за час, според „IG BAU“. Вкупно, околу 820.000 работници се вработени во оваа индустрија во Германија.