И покрај предизвиците коишто ги донесе енергетската криза и инфлациските притисоци, речиси во сите дејности од корпоративниот сектор се зголемија приходите од работењето и се подобри нивната профитабилност, се наведува во Извештајот за финансиската стабилност за 2022 година.
Во 2022 година, сите дејности се вратија на патеката на профитабилно работење, при што во однос на големината на субјектите, главен двигател на растот на нето-добивката на домашниот корпоративен сектор се големите претпријатија, коишто воедно имаат и најголемо учество во вкупната остварена нето-добивка на корпоративниот сектор (55,2%). Од друга страна, микросубјектите и натаму остваруваат загуба во работењето и тие сѐ уште се најранливата група субјекти од корпоративниот сектор. Учеството на субјектите од корпоративниот сектор што работеле со загуба се намали во 2022 година и изнесува 26,8% од вкупниот број субјекти од корпоративниот сектор. Растот на профитабилноста придонесува за одржливоста на долгот на корпоративниот сектор, којшто и натаму има соодветен капацитет за редовно намирување на обврските.
Во Извештајот се наведува дека корпоративниот сектор бележи подобрување и на оперативната ефикасност, при подобра уредност во извршувањето на обврските и наплатата на побарувањата, поради што показателите за ликвидноста сѐ уште се на стабилно ниво, но тоа и натаму е скромно.
Задолженоста на корпоративниот сектор расте, со што учеството на вкупниот долг во БДП се зголеми (71,1% наспроти 69% во претходната година), но и натаму е во умерени рамки и под меѓународните прагови за ранливост. Сепак, неопходна е претпазливост во овој сегмент. Доколку долгот на домашниот корпоративен сектор се прикаже без краткорочните трговски кредити, како инструмент за финансирање на трговската размена со странство, којшто вообичаено е бескаматен, тогаш учеството на вкупниот долг на домашниот корпоративен сектор во БДП на крајот од 2022 година е речиси исто во споредба со претходната година и изнесува 55,1%. Секторот на нерезидентите и натаму е главниот доверител на домашниот корпоративен сектор, а се зголеми и задолженоста кон домашните банки во услови на висок раст на цените на енергентите и општ пораст на трошоците во работењето, што влијаеше врз потребите за ликвидност на домашниот корпоративен сектор.
Сепак, ризиците за работењето на корпоративниот сектор и натаму се нагласени и во периодот што следи главно се поврзани со надворешното окружување коешто е променливо и неизвесно.