Зголемување на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари предвидуваат измените на Законот за данокот на додадена вредност кои денеска поминаа на владина седница. Предлог-законот сега треба да биде доставен на усвојување во Собранието на државата.
Од Владата појаснуват дека со предложениот закон се врши зголемување на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари, и се пропишува можност даночните обврзници кои се регистрирани за цели на данокот на додадена вредност да имаат право на одбивка на претходен данок со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно со Закон за регистрирање на готовински плаќања.
Со оваа новина во законот се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ придружен со фискална сметка за промет до 6.000 денари, со што, како што велат од Владата, во голема мерка се заштедува на време, хартија и на административна постапка.
Истовремено, предложениот закон има за цел да овозможи ослободување од плаќање на данок на додадена вредност на добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на НАТО.