Меѓународната компанија за развој на софтвер Сеавус, дел од групацијата Арикома, објави значајно достигнување, односно ја надмина бројката од 1000 вработени на глобално ниво. Во моментот Сеавус, како најголема компанија во рамките на Арикома, работи од 17 канцеларии во 10 земји, успешно покривајќи ги Европа и САД.

Информацијата за јубилејната бројка во компанијата ја соопшти Извршниот директор на Сеавус, Коча Бошку. „Ми причинува големо задоволство да споделам дека Сеавус само што ја надмина бројката од 1000 вработени. Им честитам на сите во компанијата за ова инспиративно постигнување“, изјави Бошку.

Извршниот директор на компанијата истакна дека пандемијата и геополитичките случувања не го забавиле растот на Сеавус. „Тековните настани во светот не можат да нѐ забават додека го продолжуваме нашето патување. Разновидни сме, инклузивни, млади, но искусни, признати, прекрасни во душата и умот. Сеавус е најсилниот член на семејството кој ја предводи меѓународната експанзија на Арикома Дигитал. Сите треба да бидеме горди на тоа каде стигнавме, а притоа да бидеме свесни дека ова означува нов почеток. Би сакал да им се заблагодарам на сите фантастични луѓе на Сеавус во Македонија, Србија, Шведска, Белорусија, САД, Босна, Молдавија, Турција и Полска за придонесот и да продолжиме со добрата работа“, истакна Коча Бошку.

Изминативе 23 години, Сеавус развива силна корпоративна култура на различност и инклузивност, нуди еднакви можности на своите вработени и посветено се фокусира на нивниот прогрес и кариерен развој. Бројката од над 1000 вработени е една добра причина за прослава, но тука влегуваат и повеќе од 100 промоции на работни позиции, 4720 саати посветени на тренинзи и обуки на 706 вработени, само во последните 12 месеци. Во Сеавус, 40% од вработените се жени кои ја поттикнуваат културата на полова еднаквост, што е една од најсилните вредности на компанијата.