Советот на Народната банка донесе 12 одлуки со кои се заокружува регулативната рамка за решавање банки, со што се обезбедува усогласување со највисоките меѓународни стандарди и добри практики. Овие одлуки претставуваат значаен чекор кон натамошно зајакнување на стабилноста на финансискиот систем и заштита на јавниот интерес.

Со овие подзаконски акти се операционализира Законот за решавање банки, којшто беше донесен на 3.10.2023 година, при што со нив се регулираат два основни вида активности: активностите коишто Народната банка и банките ги преземаат во редовното работење (т.н. подготвителни активности) и активностите коишто Народната банка ги презема во случај на решавање банка којашто е од јавен интерес и за која се исполнети условите за престанок со работа.

Најзначајна активност во рамките на првата група активности е изработката на план за решавање за секоја банка и оцената на можноста за нејзино решавање. Целта на овие активности е обезбедување подобра подготвеност на Народната банка и банките за справување со кризни ситуации. Со цел да се зголеми отпорноста  на банките во рамките на подготвителните активности, Народната банка ќе ја утврдува и висината на минималната стапка на сопствени средства и дозволени обврски (МРЕЛ) којашто секоја банка треба да ја исполнува. Во согласност со Законот, банките треба да ја достигнат висината на оваа стапка најдоцна до 31 декември 2032 година. Исто така, за потребите на финансирањето на решавањето банки е предвидено создавање Фонд за решавање банки, којшто ќе се финансира од годишните придонеси на банките и од други извори. Народната банка ја пропишува методологијата за утврдување на висината на годишните придонеси на банките во Фондот, а исто така ќе одлучува и за неговата употреба во случај на решавање банка. Со втората група подзаконски акти подетално се регулираат активностите и инструментите за решавање и овластувањата и одговорностите на Народната банка во случаите кога се исполнети условите за решавање банка.

Примената на овие одлуки започнува на 13 октомври 2025 година, со влегувањето во сила на Законот за решавање банки. Во согласност со овој закон, Народната банка е надлежен орган за решавање банки.