Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) досега дал поддршка на проекти од седум компании од Кочани кои аплицирале за средства и добиле околу 1,5 милион евра, а дополнително и самите имаат свое финансиско учество, истакна директорот на Фондот, Јован Деспотовски при денешната посета на Кочани.
Притоа, како успешен беше потенциран примерот со компанијата „Атом Сантех“ од Кочани, која е областа на металската индустрија и добила средства од Фондот за набавка на опрема и современа технологија.
-Токму во оваа компанија имаме можност да видиме како во практика почнува да функционира поддршката за новата технологија и да дава позитивни резултати. Тоа е мотив повеќе за нас да продолжиме со програмите за помош и да ги зголемиме средствата за финансирање. Со оглед што државната поддршка за домашните приватни компании беше воведена пред две години, сè уште треба да се работи на информирањето и доближувањето на мерките до бизнис заедницата. Инвестираните средства за стопанството од Кочани се далеку од доволни, но сепак се значајни за да овозможат нов импулс за економскиот развој, истакна директорот Деспотовски.
Според Деспотовски, заклучно со последниот јавен повик, досега Фондот поддржал 350 компании во државата кои добиле вкупен обем од околу 65 милиони евра. Неповолно е што доминираат компании чие седиште е во Скопје, поради што заложба во ФИТР е што повеќе компании од другите општини, особено руралните, да имаат пристап до средствата.