СЕЕ Линк, заедничката платформа за тргување на моментално седум берзи од Југоисточна Европа, планира да воведе ново иновативно решение за порамнување на прекуграничните трансакции склучени преку оваа платформа, развиено од Raiffeisen Bank International (RBI) со седиште во Виена. Ова решение овозможува да се надминат предизвиците поврзани со порамнување на трансакциите склучени преку СЕЕ Линк кои беа предизвикани од различните национални валути и различните законски решенија во земјите кои учествуваат во платформата. За таа цел, основачите на СЕЕ Линк платформата, Загребската, Бугарската и Македонската берза, како и самиот СЕЕ Линк кој е со седиште во Скопје,  денес во Виена потпишаа Меморандум за соработка со  RBI.

“RBI е силно заинтересиран за развојните активности на берзите во Југоисточна Европа и затоа го поздрави формирањето на СЕЕ Линк платформата во 2014 година.  Ни претставува задоволство што можеме да ги понудиме нашите  услуги за порамнување на трансакции на оваа трговска платформа.  Членките на Берзите-учеснички во платформата ќе можат во иднина да тргуваат и да ги порамнуваат склучените трансакции преку СЕЕ Линк. И уште повеќе, нашите меѓународни клиенти ќе добијат лесен пристап до овие пазари преку нашиот GSS Operations Center“ изјави Attila Szalay-Berzeviczy, Head of RBI Group Securities Services.

“Овој Меморандум за соработка трасира патека на еден многу важен дополнителен дел од мозаикот на регионалната инфраструктура за пренасочување на налозите за тргување. Ни претставува големо задоволство што RBI ќе ги нуди своите услуги на регионалните пазарни учесници во иднина како алтернатива во рамки на моменталната поставеност на платформата. Се надеваме дека ова ќе ги олесни предизвикувачките процеси на прекуграничното порамнување на трансакциите склучени преку СЕЕ Линк и дополнително ќе привлече нови инвеститори надвор од регионот“ рече Иван Штериев, Претседателот на Надзорниот  Одбор на СЕЕ Линк и Главен Извршен директор на Македонската берза.