Повеќе од два века стара идеја која би можела значително да ја намали нееднаквоста и да им го олесни „влегувањето во светот на возрасните“ на младите, повторно стана актуелна благодарение на германскиот економски тинк-тенк. Според Дојче веле, Германскиот институт за економски истражувања предложил на секој граѓанин на Германија по 18 години да му бидат доделени 20.000 евра како дел од универзалното основно наследство (Грундербе). Парите не можеле да се потрошат залудно, туку да се искористат исклучиво за плаќање школарина, враќање на станбен кредит или основање фирма.

Просперитет за сите

Идејата е слична на универзалниот основен приход кој во пракса е тестиран од неколку земји во светот. „Ако навистина сакаме да создадеме просперитет за сите во блиска иднина, тогаш мораме да го намалиме високото ниво на нееднаквост на имотот преку прераспределба“, напиша во предлогот Стефан Бах, даночен експерт во тинк-тенкот. Со полнолетство на околу 750.000 граѓани секоја година, основното наследство ќе го чини германскиот буџет околу 22,6 милијарди евра годишно. Тие пари може да се најдат со зголемување на данокот на наследство, воведување оданочување на многу богатите граѓани и реформирање на данокот на недвижности, предлагаат економистите.

Во споредба со другите земји со слична распределба на приходите, средствата се високо концентрирани во Германија, според толкувачите од тој тинк-тенк. Најбогатите 10 проценти од граѓаните поседуваат две третини од вкупниот приватен имот вреден 12 трилиони евра. Најбогатите 1 процент од Германците имаат една третина, а елитата од 0,1 отсто дури петтина од вкупниот имот. Но, богатите учествуваат со само 1,1 отсто во државните приходи на земјата. Од друга страна, половина од населението поседува само 1,3 отсто од имотот, што значи дека по правило ништо не наследуваат, велат од Форумот нова економија. Штефан Бах тврди дека симулациите покажале дека универзалното основно наследство би го намалило коефициентот Џини – мерка за нееднаквоста на приходите и богатството – за 5 до 7 проценти. Згора на тоа, вредноста на имотот на најсиромашната половина од германското население би скокнала меѓу 59 и 94 отсто. Бах вели дека новата коалициска влада на канцеларот Олаф Шолц, ако навистина сака да се справи со намалувањето на нееднаквоста, мора да се фокусира на зголемување на средствата на средната класа.

Да потсетиме, во коалицискиот договор се наведува дека ќе се воведат мерки за поттикнување на сопственоста на недвижен имот и олеснување на приходите и исплатите на приватните пензиски фондови. Патем, идејата за основното наследство првпат ја формулира американскиот политички активист со британско потекло Томас Пејн во 1797 година. Тој тогаш предложи секој граѓанин на возраст над 21 година да добие по 15 фунти или 1.179 евра во денешната вредност.

Околу 200 години подоцна идејата беше оживеана од британскиот економист Сер Ентони Б. Аткинсон. Во 2015 година ја објави книгата „Нееднаквост“: Што може да се направи, во која ја елаборира идејата и предложи таа да се финансира од даноци на наследство.

„Пристоен износ на капитал“

Пред неколку години, идејата за фундаментално наследство се појави и во Обединетото Кралство. Тамошната кампања за универзално наследство повика да се даде „пристоен капитал“ за секој граѓанин што ќе наполни 25 години, без разлика на „богатството, сиромаштијата или родителската великодушност“.

Британскиот премиер Борис Џонсон го доби мандатот во 2019 година и со ветување дека ќе ја намали нееднаквоста меѓу просперитетниот југоисточен Англија, вклучително и Лондон, и остатокот од земјата. Сепак, универзалното наследство не е на агендата на владата, вели Дејн Клаустон, директор на кампањата. Голем дел од нееднаквоста во Германија може да се објасни преку стареењето на населението бидејќи постарите граѓани имаа повеќе време да акумулираат богатство. Додека стапката на штедење е висока, повеќето штедачи ги чуваат тие пари на банкарски сметки кои со години им носат речиси никаков приход од камата. Затоа, дел од таа вредност е „изедена“ од инфлацијата низ годините. Ниската стапка на сопственост на имот – само 45 отсто, според Бундесбанк, во споредба со две третини во Франција и Велика Британија – исто така ги спречува Германците да акумулираат повеќе капитал. Од друга страна, даноците на наследство и недвижности бараат радикални реформи, смета Штефан Бах, бидејќи тие ја потценуваат вредноста на имотот на богатите.