Електричните автомобили сочинуваат речиси половина од сите новорегистрирани автомобили во Европската унија помеѓу јануари и ноември 2023 година. Во текот на ноември тој број се искачи над половина.
Електричните возила – без разлика дали се целосно електрични модели, plug-in хибриди или целосни хибриди – учествуваа со повеќе од 47,6 проценти од сите регистрации на нови патнички автомобили во Унијата во ноември, што е повеќе од 43 проценти во истиот период минатата година, соопшти Европската асоцијација на производители за автомобили (European Automobile Manufacturers Association, ACEA).
Регистрациите на нови автомобили во Унијата се зголемија за 6,7 отсто во ноември, 16-ти последователен месец на раст, со годишен пораст од 13,3 отсто на регистрациите на електрични возила.
Регистрациите на возилата на бензин пораснале за 4,2 отсто, а кај дизел возилата се намалени за 10,3 отсто.
Регистрациите на целосно електрични автомобили се зголемија за 16,4 отсто во однос на претходната година на 144.378 возила, иако регистрациите во Германија, најголемиот европски пазар на електрични возила, паднаа за 22,5 отсто на 44.942 возила.
На електрифицираниот пазар, потрошувачите продолжија да претпочитаат хибридно-електрични возила, со годишен пораст од 28,7 отсто, додека побарувачката за plug-in хибриди падна за 22,1 отсто.
Регистрациите на хибридно-електрични автомобили во Германија, Франција и Италија во минатата година достигнаа повеќе од 1,5 милиони возила, од вкупно близу 2,5 милиони возила во Унијата.
Заостанување и покрај растот
И покрај порастот на електричните возила, ACEA предупреди дека во Европа – без силна индустриска стратегија на Унијата – секторот на електрични возила ризикува да заостане зад другите такви сектори, во свет каде Кина доминира во синџирот на снабдување, а американските производители добиваат владини стимулации.
Некои производители на автомобили и аналитичари, исто така, наведуваат дека е зголемена побарувачката за електрични возила во последните неколку месеци.
Најголемиот европски производител на автомобили Фолксваген во октомври соопшти дека побарувачката за електрични возила не се развива како што се очекуваше, додека Mercedes-Benz предупреди на „брутален“ пазар за електрични возила, кој се карактеризира со големи намалувања на цените и проблеми со синџирот на снабдување.
Регистрациите на Volkswagen и Renault во ноември се зголемија за 11,4 отсто, односно 6,1 отсто, додека регистрациите на Stellantis паднаа за 7,3 отсто.
Тесла на Илон Маск забележа скок од речиси 45 отсто во истиот месец, што претставува речиси 22 отсто од регистрациите на целосно електрични автомобили во Унијата.
Бројот на нови возила регистрирани во ноември во Унијата, Велика Британија и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) се зголеми за шест отсто на 1,08 милиони возила, објави ACEA.