Со секое појавување на тримесечните финансиски извештаи се потврдува стабилноста на банкарскиот сектор, изразена преку бројките на профитот, кои се во континуиран подем. Тоа во јавноста ја наметнува констатацијата дека на банките добро им оди, особено во лоши времиња. Оттаму и реакциите на оваа тема, кои се подгреваат на секои три месеци, согласно динамиката на објавувањето на резултатите од работењето. Од типот „народот сиромашен, банките полни со пари“, што најчесто е коментар меѓу граѓаните, или „одлично е за банките, но голема концентрација на пари во тесен круг не е добро за општеството“ – се укажувањата на одделни економисти. Во амбиент на сивило, успешните стрчат, а во малку позлобните муабети се вели – кога на едни им се стемнува, на други им се разденува.
Без оглед на зборувањата, македонските банки се успешни во мисијата за која и се создадени. Безбедно управуваат со туѓите пари, за што и заработуваат.
Во деветте месеци од годинава вкупната добивка остварена од банките е над 200 милиони евра. Притоа, значаен е уделот на Комерцијална, Стопанска и на НЛБ, трите најголеми банки, со заеднички профит кој се доближува до прагот од 130 милиони евра.
Поединечно, по забележаниот годишен раст од 64,7 насто, добивката на Комерцијална е безмалку 50 милиони евра. Или, со 133,2 проценти е остварена планираната бруто-добивка за трите годинешни квартали.
Стопанска банка го заокружи овој период со 40,28 милиони евра на име добивка. И самите кажуваат, во најголем дел тоа се должи на зголеменото кредитно портфолио.
Исто е и кај НЛБ. Растот на добивката за 19,1 насто и достигнувањето на ниво од 39,6 милиони евра е поттикнат од кредитирањето. Пред се на граѓаните, а потоа и на микро, малите и средни претпријатија.
Во овие три банки се слеале повеќе од 240 милиони евра на приходната страна.
Кај Комерцијална се работи за над 83 милиони евра (раст од 31,6 проценти), Стопанска – речиси 86 милиони евра и НЛБ скоро 72 милиони евра (зголемување од 16,7 насто).
Стопанска камати – 4.171.742.000 ден/67,7 милиони евра од провизии 632.893.000 ден/10,3 милиони евра Нето-приходи од тргување 100 илјади денари/1.623 евра од курсни разлики 111,898 илјади денари/1,8 милиони евра останати приходи 371,003 илјади денари/6 милиони евра вкупни приходи 5.287.636.000 ден/85,8 милиони евра
НЛБ камати 2.899.666.000 ден/47 милиони евра од провизии 991.565.000 ден/16,1 милион евра од курсни разлики 264,099 илјади денари/4,3 милиони евра останати приходи 284,284 илјади денари / 4,6 милиони евра вкупни приходи 4.439.614.000 ден/72 милиони евра.
Основата на сето ова се кредитите, односно пресметаните и наплатени камати, кои на најголемите банки им донеле приходи од 177 милиони евра.
Во овој сегмент предничи Стопанска банка со каматни приливи од 67,8 милиони евра. Со забележано зголемување за 18,2 милиони евра во однос на ланските девет месеци.
Сепак, најголем раст, од цели 80,7 проценти имаат приходите со кои на овој начин се стекнала Комерцијана банка. Износот е 62,1 милион евра.
Кај НЛБ банка нето-каматните приходи се во износ од 47,1 милион евра. Повисоки за 24,6 насто во споредба со минатогодошното остварување на крајот од третиот квартал.
Освен каматите, добра подлога за заработка претставуваат и провизиите и надоместоците кои банките ги наплатуваат за дадените услуги. И оваа тема е често присутна во јавноста, пред се поради висината на определените цени. За таа цел Народната банка воведе алатка преку која граѓаните можат да направат увид и споредба на условите предвидени за банкарската понуда. Воедно, од НБ се смета дека на овој начин ќе се стимулира конкуренцијата и ќе се случи намалување на ценовниците. Исто така, определени се и услугите кои се сосема бесплатни.
Повеќе од 39 милиони евра трите банки заработиле на ова поле. Најмногу НЛБ банка – 16,1 милион евра (раст од 7,4 насто). Следи Комерцијална со близу 13 милиони евра (зголемување од 2,4 насто). Кај Стопанска е забележан петпроцентен пад, но и со тој минус наплатата за извршените услуги донела речиси 10,3 милиони евра.
Кај домашните банки се и 8,3 милијарди евра депозити, од кои само граѓаните довериле околу 5,5 милијарди евра. И овие пари се сконцентрирани кај трите најголеми банки (Стопанска – 1,55 милијарди евра, НЛБ – 1,4 милијарди евра), што е начин за искажување доверба од страна на клиентите. Според согледувањата на Народната банка – депозитите се позиционирани на највисокиот праг забележан во последните десет години.
Критичарите на банкарското делување тврдат дека банките не работат толку добро, колку што им се угодува со политиките што ги води државата и централната банка, која „ги зголеми каматните стапки и им овозможи законски да профитираат“.
Банките не профитираат само во Македонија. Во септември италијанската влада воведе данок за банкарската добивка, односно на екстра профитот што се остварил од повисоките камати. Ваква давачка се планира и во Шпанија, Литванија, Чешка, Унгарија, па и во Словенија.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/sekoi-tri-meseci-bankite-na-tapet/