Американскиот Сенат денеска со убедливо мнозинство го усвои Северноамериканскиот трговски договор, со кој се ревидираат трговските правила со Канада и Мексико.

Договорот е изгласан со 89 гласови за и 10 против, а тој претходно беше усвоен и во долниот дом на Конгресот.

Усвојувањето е голема победа на политиката на претседателот Доналд Трамп во момент кога сенаторите ќе го насочат нивното внимание кон судењето за импичментот.

Документот сега оди на потпис кај Трамп и со тоа се менува претходниот Северноамерикански договор за слободна трговија стар 25 години, со кој беа отстранети повеќето трговски препреки и беше поттикната трговијата.

Меѓутоа, Трамп и други критичари на стариот договор сметаа дека со него се охрабрувале американските компании да ги префрлаат производствените погони јужно од границата, за да ги искористат ниско платените мексикански работници.

Усвојувањето на новиот трговски договор со Канада и Мексико следеше еден ден откако Трамп потпиша нов трговски договор со Кина, со кој се намалени трговските тензии меѓу двете економски сили.

Лидерот на мнозинството републиканци во Сенатот Мич Маконел договорот го опиша како голема победа на администрацијата на Трамп.