Северна Кореја стана третата земја со најголеми резерви на биткоин во светот, веднаш зад САД и Велика Британија, покажуваат податоците од крипто-размената Binance. Според експертите, овие резерви се стекнати преку хакерски напади и кражба на дигитални средства.
Се проценува дека севернокорејските државни хакерски групи, вклучително и озлогласената „Лазарус“, собрале 13.562 биткоини (BTC), со вкупна вредност од 1,14 милијарди долари, пренесува Asianews.network.
Според Binance, САД имаат најголеми резерви од 198.109 BTC, додека Велика Британија поседува 61.245 BTC.
Кражби во 2024 година вредни 659 милиони долари
Во заедничко соопштение на САД, Јужна Кореја и Јапонија, објавено во јануари, се наведува дека севернокорејски хакери стојат зад низа кибер-напади во 2024 година, при што украле криптовалути во вредност од 659 милиони долари.
Американскиот ФБИ минатиот месец соопшти дека Северна Кореја е одговорна за кражба на криптовалути во вредност од 1,5 милијарди долари, што претставува најголемиот хакерски инцидент досега.
Голем дел од украдените средства првично биле во Ethereum, но значителен дел е веќе конвертиран во биткоин. Само минатата недела, групата „Лазарус“ наводно претворила 300 милиони долари во неповратни средства.
Се верува дека овие хакерски групи се директно контролирани од севернокорејската влада и дека нелегално стекнатите средства се користат за финансирање на нуклеарните тестови и балистичките проектили на Пјонгјанг.
Северна Кореја останува под строги меѓународни санкции поради својот нуклеарен програм, но хакерските напади и кражбите на криптовалути се чини дека стануваат значаен извор на финансиски средства за режимот.