Владата сака да ја намали цената на бензинот и дизел горивото за сите потрошувачи за 20 евроценти по литар. Државата на свој грб би презела 15 евроценти од намалувањето, а нафтените компании пет евроценти. Мерки според првичниот план ќе бидат на сила до 30 јуни, а владата официјално треба да ги усвои утре.
Шпанија и Португалија сакаат да ја одвојат цената на електричната енергија од цената на гасот и се спремаат на Европската комисија неделава да ѝ предложат во кој износ треба да се намали референтната цена на природниот гас, која се користи за пресметка на цената на струјата.
На самитот на Европската Унија минатиот петок двете земји во преговорите добија посебна државна регулатива за ограничувањата на цените на гасот. Мадрид со новиот пакет сака да го смири сè поголемото незадоволство на граѓаните. Освен поскапувањето на енергијата, потрошувачите и компаниите се соочуваат и со застои во снабдувањето поради протестите на камионџиите.
Владата со претставниците на организацијата на превозници ЦНЦТ веќе договори субвенции во износ од околу милијарда евра, но камионџиите најавија дека протестите ќе продолжат и трета недела по ред, додека не добијат нова понуда.