Охрид и овој викенд се исполни со гости, но сепак нивниот број не е ни блиску како во годините пред коронакризата. Видно е отсуството на странците, а најголемиот број од хотелите, особено оние со повеќе легла, се половично искористени. Повеќето странски тур-оператори ги откажаа аранжманите меѓутоа има и такви кои иако не во голем број, сепак ќе носат гости на брегот од Охридското Езеро. Тие, домашните и туристите од соседните држави најверојатно ќе придонесат Охрид годинава да има поуспешна туристичка сезона од лани.
Иако во текот на викендов во Охрид допатуваа домашни и странски туристи,пред се од соседството,искористеноста на хотелските капацитети се движи од 30 до 80 проценти во зависност од бројот на леглата. Според експертите ваквата состојба е резултат на откажувањето на аранжманите од страна на странските туроператори поради намалениот интерес за патување по ширењето на новите соеви на коронавирусот.
„Минатата година ги имаат откажано но оваа година тие договори не се обновуваат така лесно затоа што и тие самите незнаат колкав број на гости ќе трбаат да патуваат,се ставаат и тие во ризик. За да ги намалат нивните ризици само ги откажуваат дестинациите кои не им се толку важни во моментов т. е. каде што не добиваат поголеми приходи“, вели Крсте Блажески-претседател на Хотелска асоцијација на Македонија.
Првата половина на јули беше разочарувачка и за угостителите. Иако најавите за доаѓање на туристи барем засега се скромни тие очекуваат поуспешна туристичка сезона од лани.
„Навестувањата одат во насока дека гостите од странство сепак ќе изостанат. Се надеваме дека тоа нема да се случи драстично меѓутоа гледаќи ги параметрите во околните земји па и пошироко во Европа гледаме дека таквата слика најверојатно ќе продолжи. Ние се надеваме дека ќе имаме одреден прилив на гости без разлика дали се од непосредното опкружување или од домашните“, изјави Михаил Мишев, здружение на угостители „Охридски еснаф“.
На намалениот број на гости секако влијае и тоа што дел од македонските туристи одмораат во странските туристички центри. Охриѓани сепак остануваат оптимисти бидеќи по полските во понеделник со чартер лет ќе допатуваат и првите холандски туристи преку туроператорот ТУИ, што на некој начин уште еднаш ќе се потврди дека нашата земја е безбедна за патување.