Во тек е конференцијата на Македонска берза. Иван Штериев, главниот извршен директор на Македонска берза, на 19.годишна конференција во Охрид истакна дека котацијата со акции бележи најдобри резултати од 2008-ма па наваму.
Берзанската статистика во првите четири месеци од 2018 година, гледано историски и компаративно, е повеќе од добра. Над 82 милиони евра вкупен промет по сите основи до вчера. За целата 2017 година, за илустрација, овој податок изнесува околу 77 милиони. Првото тримесечје годинава е најдобриот квартал во последната деценија, и како вкупен промет и како тргување во БЕСТ системот. Подобри перформанси немало од 2008 година.
Настрана блоковите – на кои отпаѓа речиси 70% од прометот и коишто се пораснати за над 900% во споредба со претходниот квартал – расте и тргувањето со акции и обврзници во БЕСТ (41%, односно 210%). Просечниот дневен промет во класичното тргувањеизнесува над 300 илјади евра, а просечниот дневен број натрансакции се ближи до 100 дневно.
Општото ценовно ниво продолжува да расте – МБИ 10 оваа година е пораснат за околу 16%, после ланскиот пораст од над 18%. Вкупните добивки на котираните компании, базирани на неревидираните годишни извештаи, бележат раст од над 6% и изнесуваат околу 196 милиони евра – рече Штериев.
Силен позитивен пазарен сентимент, релативно долго времетраење на континуиран раст на цените, квалитетни перформанси на главните котирани компании, интензивна трговска раздвиженост кај најликвидните акции и репозиционирање на инвеститорите, сезонскиот ефект на одржувањето на собранија на акционери и исплатата на дивиденди, ниските каматни стапки, зголемените очекувања за пробив во евроатланските интеграции на државата, најавеното продолжување на задолжителната котација моментасе факторите, како што вели тој, кои позитивно влијаат на берзанската динамика.
Извор: Фактор