Времето се стоплува, денот се зголемува – време е да се излегува на нивите, мотиките рѓосаа. Вака порано нашите предци ја пресретнувале пролетта и почнувале со земјоделието.

Како е денес?

Земјоделци има се помалку, а плодната почва во Пелагонија, во Овче Поле, во Полог… се поретко е полна со насади. Да, има посеви, ама…

Затоа на пазарите и во маркетите се почесто гравот е од Казахстан и Киргистан, а имавме тетовски грав кој цела Југославија бараше да го купи. Доматите, краставиците, кромидот…, па цела Хрватска и Словенија порано чекаа да им ги доставиме – продадеме, сега во „модерните“ времиња кај нас на пазарите овие земјоделски производи се пред се од Албанија и Србија. Србија ни продава и жито и компир, затоа што се помалку ги има овие култури во Пелагонија и Малешевијата. Да споменуваме ли дека лук купуваме дури од Кина?

Зошто е така? До кога ќе биде така? Па нели државата даваше силни субвенции, се реорганизира ли сега тоа, се проверува ли кој добил, како вратил…? Се прави ли сериозна стратегија за оваа сезона?

Фрапира податокот дека за последнава деценија Македонија за увоз на храна потрошила 6,67 милијарди евра. Колку е тоа, најдобро може да се спореди со извозот на македонскиот зеленчук кој пред две години изнесувал само 95,1 милион евра. Очигледно е дека извозот покрил само околу 10 проценти од увозот на храната таа година.

Па нели Македонија е земјоделска земја, тоа е една од нашите најважни стопански гранки? Дали сега на нивите „помодерно“ е да се садат фотоволтаици?

На сите овие прашања, дебело платените надлежни за земјоделието во Македонија треба да даваат одговори. И пред се да даваат брзи решенија.

Во спротивно, на нивите ќе растат трње, со што Македонија си става трн во здрава нога (кој всушност веќе го чуствуваме). Секојдневните бодење од високите цени на пазарите – ич да не ги споменуваме.