На принуден одмор се поголем дел од вработените во фабриката за автобуси Ван Хол, откако компанијата се соочува со банкрот во својата матична земја – Белгија. Според белгиските медиуми, причината за банкротот била спор околу наследството во семејството Ван Хол. Според ко-извршниот директор Марк Званевелд, решението е во продажба на компанијата.
„Единствениот начин да не се губат работни места и знаење е нов почеток со извесен купувач на компанијата, по нејзиниот банкрот. “
Според истите извори, се преговарало со две големи компании – една холандска и една белгиска. И додека странските медиуми ја следат состојбата со Ван Хол, кај нас молк. Неколку часовните обиди да го добиеме првиот човек на компанијата во Македонија Аврам Стојчевски завршија неуспешто, оти неговиот телефон беше постојано зафатен. Вработени со кои разговараше ТВ24 велат дека им било кажано оти оваа ситуација ќе трае неколку недели, а во тој период тие ќе ротираат на работа.
„Ни рекоа дека веќе имаме нов газда, на кого му требало време да направи увид во работењето, во репроматеријалите. Тоа ќе траело до 12 мај, до кога ќе ротираме со работа – додека седиме дома, ќе земаат земаме 70 посто плата, а кога ќе одиме на работа ќе ни биде плаќано 100 отсто. Сепак, последните информации велат дека веќе од утре почнуваме со работа.“
Проблемите со кои се соочува една од најуспешните странски инвестиции кај нас уште пред две недели во Аргумент плус ги најави претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски, а ги потврди и директорот на слободните економски зони Јован Деспотовски.
До пред десет дена, Ван Хол преку огласи бараше нови вработени на повеќе од 30 позиции. Белгиската фабрика која во МАкедонија изработува висококвалитетни автобуси, беше една од најпосакуваните фабрики за работа, поради високите плати и бенефиции. Своевремено, белгискиот сопственик изјави дека отворањето на македонската фабрика му ја спасила компанијата, а имаше информации дека, поради далеку помалите трошоци, целото производство ќе се пресели тука.