Мое скромно мислење и препораки, откако ќе се изгаснат овогодинешните шумски пожари, ако сакаме да го зачуваме тоа што остана:

1. Прва, и најзначајна акција, да се воспостави Национален Систем за Набљудување со дронови. Постојат на пазарот дронови, по пристапнци цени, со широкопојасни камери кои на одредени височини можат да набљудуваат стотици квадратни километри шума. Овие дронови би се активирале и кревале само во месеците кога има опасност од пожари, пример, од јуни до септември. Овие дронови, многу лесно, со помош на АИ ( Вештачка Интелегенција ) ќе детектираат чад, и ќе алармираат во Оперативниот Центар дека некаде избил пожар. Тие исто така, можат да го следат секое движење низ шумата.
Дроновите ќе бидат кренати 24/7 во овој период и со неколку десеттици дронови можеме да ја следиме состојбата на шумите на целата територија на Македонија.
Оперативниот центар, би служел како командно место од каде ќе се координираат акциите на рапиден начин. Значи од моментот на детекција преку АИ на пожар, Оперативниот Центар има минута време да го покрене Локалниот Центар за Заштита од Шумски Пожари.
Вакви локални центри, треба да има, неколку… Еве на пример, колку што има изборни единици. Тие да бидат најсовремено опремени со секаква опрема, цистерни и се што е потребно. Локалниот центар, треба да реагира и да биде на пат за максимум 15 минути од приемот на алармот од Оперативниот центар.
Оперативниот центар, под своја команда, треба да има авиони, хеликоптери и ер-трактори кои инстантно ќе реагираат и ќе се упатат кон пожарот веднаш, додека не е проширен.
Во месеците на работа на дрон-системот, овие летала да бидат во полна готовност 24/7.

2. Секоја општина, законски да биде обврзана, да формира доброволни пожарникарски друштва, по примерот на Словенија, Австрија и Германија. Членовите на доброволните пожарникарски друштва, да добиваат инстант нотификација од Оперативниот Центар, и да делуваат независно од редовните пожарникарски станици, и да се упатуваат со целата опрема на местото на пожарот, максумум 30 минути од нотификацијата ( телефонска, СМС, и т.н. )

3. Ресурсите за полната оперативна готовност во овие месеци за авионите, пожарните, хеликоптерите и се останато, ќе споменам при крајот од каде ќе се набават.

4. Измена на Казнениот Закон по брза постапка ( со европско знаменце ако треба ), на казните за потпалувачите на пожариве. Моментално ухапсените подметнувачи, да се држат во притвор додека се измени овој закон, бидејќи нели, можат да го повторат делото, и да им се суди по новиот Закон. Минимална казна за потпалувач 20 години затвор. Доколку лично јас се прашувам, за овие луѓе би ја вратил смртната казна, по добриот закон на Муамер Гадафи во Либија кој сублимирано гласеше: „Кој ќе биде затекнат да сечи дрво, без одобрение на Либиската Џамахирија, ќе биде без судење или жалба, обесен на наредното дрво“.

5. 20% од армискиот и полицискиот состав, во овие месеци, на смена, да биде под директна команда на Оперативниот Центар и да се упатува кон пожарот, не подолго од 30 минути од дадениот аларм.

6. Бркање на 90% вработени од Македонски Шуми и Центарот за управување со кризи, по кратка постапка, веднаш после завршувањето на пожарите, со законска измена, да не можат да ја тужат државата. Парите кои ќе се ослободат од овие пијавици, кои никаде ги нема кога е најпотребно, би биле повеќе од доволни да се финансира овој проект, и да ги има сите ресурси во посоченото време.

7. Уште од оваа есен, сеопфатна, државно финансирана, масовна акција на пошумување на изгорените површини, но и секоја слободна површина во Македонија, во градови, села, планини и котлини за што поефикасна борба со климатските промени, кои без сомнеж ни се случуваат и за жал, ќе стануваат само подрастични.
Овој чекор, да се сфати со топ приоритет, и да биде перпетуален. Мораме да садиме што повеќе дрва и зеленило, пред да се претвори земјата во пустина.
Колку повеќе зеленило поставиме, подолго ќе издржиме под налетот на климатските промени.

8. Никакво поставување на фотоволтаици на запалените места. Наместо тоа, брзо пошумување. Поставување фотоволтаици само на карпести површини каде што нема земјоделско или шумско земјиште.

9. Last, but not the least. Секој месец работилници во основните школи, за опасностите од шумски пожари, движење низ шумите и акции што секој треба да ги превзема во вакви ситуации.

 

ПС. Оваа држава, по никој критериум не заслужува никаков интелектуален напор од моја страна, но сум одбрал да живеам тука, и моја должност е да го дадам секој напор, за спас на нас и идните генерации. Никој, за жал, ова од мене не го побарал, но чувствувам одговорност и потреба, да предложам можни решенија, во име на иднината на нашите деца. За сегашноста, и зошто работите се какви што се, само би додал дека тоа е така бидејќи не водат неквалитетни, некомпетентни и необразовани штабски маргиналци, затоа сме таму каде што сме. Но ова, со шумските пожари – е исклучок, и топ приоритет, кој мора заеднички да го адресираме. Во спротивно, едноставно ќе изгориме и ќе останеме без кислород. СИТЕ.

 

Наум Димитровски