Во Белгија денес се одржува генерален штрајк, организиран од Генералната федерација на трудот на Белгија (ФГТБ/АБВВ) и Конфедерацијата на христијанските синдикати (ЦСЦ/АЦВ). Штрајкот е насочен против мерките на белгиската Влада на премиерот Барт де Вевер, кои се поврзани со реформи во пензискиот систем и социјалната заштита. Информацијата ја пренесе дописникот на МИА од Брисел.
Во овој протест учествуваат работници од транспортниот сектор, аеродромите, трговијата, образованието, културата, јавните служби и администрацијата. Ова доведе до сериозни пречки во сообраќајот и парализа на вообичаеното функционирање на државата.
Според РТЛ, организаторите на штрајкот изјавиле дека тој се одржува како одговор на владините “мерки за социјална регресија” кои претставуваат “објавување војна против работниот свет”, бидејќи со нив се покажува “општ недостиг на почит”.
Генералната конфедерација на либералните синдикати на Белгија (ЦГСЛБ/АЦЛВБ) соопшти дека нема да земе учество во штрајкот. Сепак, голем број на синдикати кои се дел од оваа конфедерација, вклучително и оние во полицијата и трговијата, објавија протестни дејствија.
Поради штрајкот, сите денешни полетувања од бриселскиот аеродром “Завентем” се откажани, а приближно 60 проценти од слетувањата се откажани. Летовите од аеродромот “Шарлероа” се целосно стопирани.
Јавниот превоз низ цела Белгија е исто така сериозно попречен, а белгиската железница СНЦБ најави воведување на “алтернативни услуги”.
Според ВРТ, некои супермаркети на “Карфур”, “Лидл”, “Алди” и “Колрајт” не работат, иако компаниите објавија дека “огромното мнозинство” од нивните продавници се отворени и работат непречено.
Трговскиот ланец “Делез” извести дека нивните супермаркети функционираат, но постојат тешкотии со дистрибуцијата на одредени производи.
Некои од учесниците во штрајкот организираа и протестни собири пред своите компании или институции, како и блокади на некои патни правци.
За време на една од блокадите во Вервие, еден возач ги пробил барикадите, при што повредил двајца штрајкувачи.
Претставник на синдикатот ЦСЦ/АЦВ, во изјава за ВРТ, го оцени овој инцидент како “криминален чин”, додавајќи дека му објаснувале на возачот зошто штрајкуваат, но тој “не сакал да слуша”.
Синдикалниот претставник исто така изјави дека полицајци го привеле возачот, но засега нема официјална потврда од полицијата за негово апсење.