Од 1 јуни за Бугарите и Романците се укинуваат ограничувањата за работа во Швајцарија.Тие веќе ги имаат истите права како и останатите граѓани на Европската унија – освен граѓаните на Хрватска, пренесуваат бугарските медиуми.
Швајцарија не е членка на ЕУ, но со Унијата е блиско поврзана низ билатерални договори, кои и овозможуваат да учествува во единствениот пазар на ЕУ.
Тоа стана возможно откако Швајцарскиот сојузен совет (владата на Швајцарската конфедерација) на 15 мај ја усвои одлука со која се укинуваат квотите за бугарските и романските граѓани. Со таа одлука е изменета и службената Регулација на примената на договорот помеѓу ЕУ и Швајцарија за слободно движење на лицата.
Швајцарија, како и некои други членки на ЕУ, воведе транзициски период по прашање на слободата за движење на граѓаните на новите членки на Унијата.Максималното траење на транзицискиот период е 10 години, а договорот помеѓу Швајцарија и ЕУ почна на 1 јуни 2009 година и заврши на 31 мај годинава.