Швајцарската влада предвидува пад на бруто домашниот производ за 6,7 проценти, наведувајќи дека очекува рецесијата предизвикана од пандемијата на коронавирус да биде потешка отколку што на почетокот се очекуваше.

Државниот секретаријат за економски работи на Швајцарија (СЕЦО) објави ревидирана прогноза од март, според која се проценува дека економијата, предводена од извоз, би требало да порасне за 5,2 проценти следната година.

Во мартовските проекции се проценуваше дека стопанскиот пад во оваа година ќе изнесува 1,5%, по што следната година ќе забележи пораст од 3,3 проценти.

Доколку најновата прогноза се оствари, тоа би бил најлошиот пад на швајцарската економија од 1975 година.

Швајцарија е една од најтешко погодените земји во Европа со над 28 илјади случаи на зараза.

Бројот на смртни случаи е 1.509, а повеќе од 19.900 луѓе се опоравени, се наведува на интернет страницата Worldometers.