Ни се зачести, само за сидра да зборуваме… Се усидривме, се запустивме…Никој не споменува крила, пропелери или залет. Сидро, та сидро… Судбина изгледа ни е да седиме усидрени како најсиромашна економија во Европа. Но, со вакви капетани, со глави потешки и пожешки од тоа сидро, тоа не треба ни да не чуди….
Пред да се осврнам на денешниот текст, само сакам да напоменам дека за проблемот на презадолжувањето кој се јавува и веќе е хроничен, пишував неколку дена пред да се обрати преставникот на Светската Банка. Нормално, кога доаѓа од наш човек вакво предупредување не се зема сериозно, но кога сега ќе не искара ќелавата учителка од Светска Банка, е веќе работите стануваат посериозни. Бидејќи наведениот процент од нашата задолженост споредбено со БДП е посериозен кога тој ќе го каже, отколку апсолутно истиот процент кога ќе го каже наш човек. Тоа е нашата добра стара инфериорност, сервилност и ропски менталитет. Тука нема што многу да се задржувам, тука темата е очајна, кратко и јасно, тука сме така јако усидрени, и сидрото не влече надолу, што искрено не знам каде ни е крајот. Задолжувањето галопира, исто и вработувањето на партиски трутови. Новата влада ги прави истите грешки, намерно, како и претходните, регрутира гласачи и не држи во перпетуална сирмоаштија и неразвој. Крајот ќе дојде на ова дивеење со буџетот и ќе биде покрвав отколку во Грција. Го имате мојот збор тука.
Наредно што ќе се случи, кога ние ќе го пробиеме психолошкиот но и апсолутниот праг од 120-130 % задолженост од БДП ќе биде следното. Ќе дојде СБ или ММФ и ќе наметнат програма за штедење и враќање на долговите. Немајќи од каде, ќе се удри на данокот на имот, и ќе порасне десеткратно. Тогаш, и тие малку што се останати во усидренава економија и земја, ќе мораат да отпловат надвор, како 600.000 други земјаци кои ги оптегнаа јарболите навреме. Ќе не избркаат од сопсвените огништа, сопствената власт, преку сопствен данок на имот, за туѓи сметки и интереси. Ама тоа е се предизвикано од ухлебувањето на сопствените трутови кои преку јадењето на трансакциската сметка ја изедоа и иднината на своите деца тука. Но ова веќе е социопатски феномен веќе, па не би се задржувал многу.
Она што ми падна во очи викендов, беше смелото прашање на новинарите на неделникот „Фокус“, кој како медиум го почитувам многу, кои ја прашаа министерката за е-трговија и себепромоција, а во слободно време и за финансии, што мисли до кога да стоиме усидрени со фиксниот девизен курс и како да го стимулираме извозот. Сосема правилно, логично, мудро и потребно прашање. Само адресирано на погрешна адреса. Абре луѓе златни, па макар и новинари од „Фокус“ биле… Абре нашава министерка, тотално нема појма околу ова прашање. И тоа што ви го одговорила е по некоја инерција од куртоазија и колку-толку да се извади од ситуацијата на ученик кој не ја знае лекцијата. А еве што им одговорила, цитирам:
„Одвреме-навреме се јавуваат извозници и експерти кои одново го отвораат прашањето за курсот на денарот, барајќи промени поврзани со основното монетарно сидро. Тоа можеби би довело до краткорочно стимулирање на извозот, но ќе предизвика ценовни притисоци, неизвесен амбиент, а со тоа и нарушување на вкупната макроекономска стабилност“
Е, да беше нашава министерка елоквентна и способна, како што не е ќе ги имаше во предвид следниве работи:
Прво, Македонија е мала економија, меѓународно слабо поврзана. Мала економија по дефиниција е извозно проколната и нема начин да отстапи од ова поврзување со светските трговски, стокови и финансиски текови. Во спротивно, ќе настане процес на ентропија, кој е во полна фаза кај нас, и системот ќе изумри сам од себе и ќе биде заменет со друг. Е, ама ова не ги учат на е-бизнис и затоа не го знае.
Второ, се јавуваат извозници министерке бидејќи бизнисите им зависат од тоа и хранат голем број фамилии, затоа ова е барање нивно сосема легитимно. Не го правете како да е исклучок тоа, а тоа е во суштина правило и треба да бараат луѓето и тоа порадикално.
Трето, и најсмешно по мое сваќање, можеби ќе го стимулирало извозот краткорочно. Какво е ова краткорочно стимулирање? Па ако го стимулира еднаш и излезат нашите производи надвор, тоа само ќе се зголемува со тек на време и не е никако краткорочно. Обично извозот не е краткорочен, туку кога ќе се воспостават добри извозни етики тие се долгорочни и се зголемуваат. Ама и ова не ги учат на е-бизнис.
И четврто, и најтрагично, оваа мерка ќе предизвикала цитирам: ценовни притисоци ( што е тука страшно не знам, па цел свет се бори да има инфлација во рамките на 2-3% годишно, Милтон Фридман бараше ваква ставка да влезе во Уставот на САД, а денес ЕЦБ за овој процент на инфлација поттикнува веќе една деценија квантитативни олеснувања од над 200 милијарди евра – е ама нашава министерка го смета како опасност, а не како можност за развој на домашната интерна потрошувачка и развивање на локален бизнис за да ја опслужува таа потрошувачка) , неизвесен амбиент ( тука воопшо не знам што сакала да каже, ваљда мисли на инфлација ама не знае да ја објасни скроз до крај ) и ќе се нарушела макроекономската стабилност, која ни е загарантирана со основното монетарно сидро.
Врти-сучи, пак дојдовме до сидрово, и ќе Ве молам, немојте да ги чепкате нашиве финансиски лидери повеќе со вакви прашања. Тие сакаат да си стојат укотвени, засидрени со меркиве од аргентинската криза, бидејќи кој не работи, не може ни да згреши. А штом не греши е добар министер и може да биде усидрен во фотељата уште долго време. Значи јасно е досега дека нашите финансиски водачи не размислуваат за бенефитот на земјата и развојот на стопанството, битна им е стабилноста, усидрувањето во фотељите и status quo ситуациите дури и по цена на усидрувањето на нашата сирмоштија и не-развој.
Цената за жал, ќе ја паќаме наскоро. А пола од тој цех им оди на душа на вакви усидрени кариеристи кои од нивните изјави се издаваат уствари колку не знаат за ресорите кои ги водат, ниту па имаат храброст да ја размрдаат оваа жабокречина. Но луѓе, ова е 21 век, вакви усидрени и усвитени луѓе се токсични за нашиот развој.
Наум Димитровски