Синдикалната кошничка за месец јануари изнесува 63 252 денари, споредбено со синдикалната минимална кошничка за месец декември минатата година која изнесува 62 861 денар е зголемена за 391 денар.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов посочи дека за 12 месеци-од почетокот на минатата година досега минималните трошоци во делот на храната и пијалоците се зголемени за 10,43 проценти што значи дека инфлацијата не е 3,5% како што покажуваат статистичките податоци, туку над 10%. ССМ остро реагираше за постапките на сопствениците на супермаркетите.

„Кога ветувате нешто, а сте во бизнисот како сопственик на некој голем трговски синџир на супермаркети и кога кажувате дека ќе помогнете на граѓаните за најмалку 10%, граѓаните го очекуваат тоа. Кога вие нема да ги намалите цените, а кошничката покажува дека сте ги зголемиле цените во период кога граѓаните најмногу им било потребно тоа значи дека можеби се потребни и други мерки од страна на Владата, без најава да креира кошнички, без да ги информира трговците, без да ги консултира, без да ги прашува.“ – Слободан Трендафилов претседател на ССМ.

Со цел да се подигне свеста кај граѓаните за почитувањето на мерките, ССМ најавува ригорозни чекори.

„Ние како ССМ размислуваме во наредниот период далеку поригорозни чекори да преземеме во насока на тоа да укажеме на граѓаните што е добро, а што е лошо. Имајќи в предвид дека сите ние знаеме дека во изминативе неколку месеци трговците се покажаа како далеку лош пример за македонската економија, особено ако знаеме дека минатата година имаа енормни профити и енормни добивки, а оваа година ССМ ќе се погрижи да ги извади сите завршни сметки на овие големи трговски маркети за да ги презентира пред целокупната јавност, да видат како тие се богатат неоправдо на грбот на граѓаните.“ – Слободан Трендафилов претседател на ССМ.

Како есенската кошничка, така и новогодишната владина мерка, ефект, според синдикалците не дадоа. И покрај тоа што властите излегуваа со пресметки дека едно семејство на месечно ниво заштедува околу 1300 денари ако ги купува производите кои се опфатени со мерките, сепак најновиве податоци го велат спротивното, цените на храната континуирано растат и секојдневно граѓаните ја намалуваат својата куповна моќ.