Фискалниот совет достави мислење до Собранието со кое препорачува зголемување на старосната граница за пензионирање на 67 години од 2026 година, и тоа како мерка за покривање на растечката буџетска дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ).

Во документот стои дека линеарното зголемување на пензиите од 2.500 денари дополнително го оптоварува пензискиот систем, кој ионака веќе се соочува со значителни предизвици. Фискалниот совет предупредува дека растечките трошоци за пензии, заедно со намалениот број на млади вработени кои придонесуваат во системот, го прават Фондот неодржлив на долг рок.

„Потребно е зголемување на работниот век и постепено зголемување на придонесите за пензиско осигурување, кои моментално се на историски ниско ниво,“ стои во мислењето. Според нив, зголемувањето на бројот на пензионери за 1.500–1.700 годишно, миграцијата на младите и стареењето на населението дополнително го усложнуваат проблемот.

Иако Владата лани ја презентираше Фискалната стратегија како чекор кон стабилност, сега се покажува дека линеарните зголемувања на пензиите, кои беа политичка одлука, имаат висока цена. Наместо вистински реформи, владината политика го става товарот на граѓаните, кои ќе мора подолго да работат за да се финансираат зголемените трошоци за пензии.

Фискалниот совет е предводен од Глигор Бишев, а членови се и академикот Абдулменаф Беџети и професорката Марина Трпеска.