Денеска завршува т.н. новогодишна кошничка која почна да се применува на 15 декември. Мерката беше формирана врз основа на даден збор од производителите, добавувачите и трговците дека ќе ги намалат цените на одреден број на производи. Одлука на влада не беше донесена. Само неколку дена откако стапи на сила, цените на оние производи од кошничката се намалија за неколку денари, но значително поскапеа други производи кои не беа дел од мерката.

Институциите не можеа да казнуваат, па владата само ги предупреди трговците, производителите и  добавувачите да ги вратат цените, а ако повторно го сторат истото, ќе бидат донесени поригорозни мерки, како замрзнување на маржи и цени. Сега се очекува да се види како ќе се концепираат останатите кошнички, рамазанската и велигденската.

Граѓаните веќе подолго време се борат со скапотијата. Раст на цените покажуваат и податоците на Заводот за статистика. Беше измерено дека инфлацијата во декември лани е за 4,4 проценти повисока од истиот месец во 2023 година. Најголемо поскапување има кај храната и пијалаците.