Додека во повеќето европски држави се намалува бројот на местата од каде може да се подигне готовина, кај нас од крајот на 2023-та до крајот на минатата година, се поставени нови дваесеттина банкомати. Од приградските општини на Скопје, банкомати нема ниту во Зелениково и Сопиште, додека во Арачиново и Студеничани има по 1, во Петровец и Сарај има по 7, во Илинден 8, а во Чучер Сандево 2 банкомати
На територијата на целата држава има 1.041 банкомати, покажува најновата статистика на НБРСМ до крајот на декември 2024 година. Во исто време бројот на ПОС терминалите е 34.864. И додека во повеќето европски држави се намалува бројот на местата од каде може да се подигне готовина, кај нас од крајот на 2023-та до крајот на минатата година, се поставени нови дваесеттина банкомати. Статистиката на Народна банка открива и уште еден показател за опременоста на јавните служби и државните институции со терминалски уреди, а од неа може да види дека 1.818 од нив им овозможуваат на граѓаните да плаќаат со картичка кога вадат разни документи и уверенија. Овие бројки покажуваат дека од крајот на 2023 година до крајот на минатата година, уште 300 инститиции поставиле вакви терминални уреди.
Граѓаните горе-долу се задоволни од местата од кои може да подигнат или да внесат кеш, но според нив тие треба географски подобро да се распоредат, бидејќи најмногу од нив се поставени во урбаните центри. Според достапноста на инфраструктурата по општини, Град Скопје е со најголема покриеност со банкомати дури 475, а половината од нив се поставени во скопската Општина Центар – 243. Иако е скопска општина во Шуто Оризари нема ниту еден банкомат, па граѓаните кои имаат картички мора да одат во соседните општини да извадат пари. Од приградските општини банкомати нема ниту во Зелениково и Сопиште, додека во Арачиново и Студеничани има по 1 банкомат, во Петровец и Сарај има по 7, во Илинден 8, а во Чучер Сандево 2 банкомати.
Со намалувањето на населението дури во 13 македонски општини банките не покажале интерес за поставувањето на вакви апарати, а меѓу нив се и Чашка, Карбинци, Дебрца, Пласница, Босилово, Конче, Могила, Липково итн. Од друга страна во туристичкиот Охрид има дури 61 банкомат, додека оние кои летуваат или живеат во Дојран на располагање имаат само два банкомати. Битола располага со 46, Штип со 29, Струмица со 25, а Куманово со 33 банкомати.
Финанспласен: Македонија има 57 банкомати на 100 илјади жители
Анализата на норвешкиот информативен и финансиски портал Финанспласен од крајот на минатата година покажа дека Црна Гора има 77 банкомати на 100.000 жители, Србија 53, Хрватска 141 и 58 во Босна и Херцеговина, Македонија има 57 банкомати, Косово има 29, а 35 банкомати на сто илјади жители има во Албанија. Во Анализата биле користени јавно достапни податоци од повеќе институции.
Меѓу другото, се користени и податоци за бројот на банкомати и бројот на терминали за плаќање со картички на 100.000 луѓе, лимитот што може да се потроши при плаќање со картичка и бројот на оние кои користат интернет банкарство. Помалиот број на банкомати значи дека државата помалку се потпира на готовина, додека поголемиот број терминали за плаќање со картички укажува на развиена инфраструктура за електронски трансфер на пари, објави РТЦГ.
Оваа анализа покажа дека Норвешка е најподготвена за безготовинска иднина. Имено, оваа земја е меѓу оние со најмал број банкомати, а дури 96 отсто од населението користи интернет банкарство. Меѓу десетте најподготвени земји се Холандија, Шведска, Исланд, Естонија, Литванија, Кипар и Швајцарија, а меѓу најслабите се Ерменија, Грузија и Германија.
Како куриозитет деновиве беше отворен првиот банкомат во Тувалу, една од најсиромашните и најизолираните земји на светот (се наоѓа во Оканија). Овој чекор како што јавија тамошните медиуми е означен како историски чекор за за оваа островска нација со 12 илјади жители, која досега никогаш немала пристап до електронското банкарство!