Пред пратениците две законски решенија – легализација на работа на странци со и без квоти и вработувања на сезонски работници. Целта е да се поедностават процедурите за вработувања на оваа категорија на лица за да се амортизира недостигот на работна сила, пишува Порталб.мк. Максималниот број на вработувања на странци може да достигне и до 35 000..

Профили, услови, кртериуми за вработувања на странци и сезонци ..

Околу 1 000 хигиеничари, повеќе од 500 продавачи, исто толку и келнери и општи работници – ова се занимањата кои се најбарани на домашниот пазар на труд. Стотици слободни работни места има за возачи на камиони, шанкери, готвачи. На крајот од март според официјалните податоци од Агенцијата за вработување, на ниво на државата има близу 10 000 слободни работни места, што е една од поголемите регистрирани бројки. Со образложение дека се отвора простор за амортизирање на дефицитот на работна сила во земјава , власта направи измени на законските решенија за странци и за вработување на сезонски работници, а целта е да се олеснат процедурите за вработување но се менуваат и критериумите.

Со измените во Законот за вработување на странци најпрво се отвора простор за вработување на странски државјани кои работат на државни проекти и овој вид на привремени вработувања нема да бидат дел од годишните квоти.

“Квотата нема да опфаќа странци кои се привремено упатени од странското правно лице во регистрирана филијала или друга организациската единица во РСМ за вршење на раководни или специјални работи и кои се вклучени во реализација на проекти за развој подржани од Владата” – се наведува во предлог законските измени.

Освен привремени вработувања на странци кои нема да бидат опфатени со квота, се дефинираат и вработувања на странци во рамки на квота.

“Квотата не може годишно да надминува 5% од населението на РСМ кое законски е вработено, според податоците на ДЗС” – стои во предложените измени.

“Порталб” направи пресметка што значи овој процент претворен во број на вработувања. Според најновите податоци од Заводот за статистика, на крајот од 2024 та во државата биле регистрирани точно 694 506 вработени што значи дека максималното исполнување на годишната квота од 5% би значела привремени вработувања на околу 34 725 странци.

На крајот од секоја економска година Владата ќе мора да ја утврдува годишната квота за вработување на странци за следната година. Работната дозвола ќе се издава за определен временски период до една година или на неопределено време. И со новите законски измени во процедурите за издавање на работна дозвола се вклучени МВР и Агенцијата за вработување, но постапките се очекува административно да бидат олеснети.

“Странците задолжително треба да поседуваат дозвола за привремен престој заради работа издадена од МВР или дозвола за работа издадена од Агенцијата за вработување и регулиран престој по друг основ во РСМ” – стои во предлогот.

Недостигот на работна сила ќе се премостува и со нови правила за ангажман на сезонски работници. Се отвора “патот” за сезонски вработувања во угостителството, земјоделството, хотелиерството.

“Работното ангажирање во поедноставена постапка ќе се врши со пријава на лицето преку регистарот за евиденција на работно ангажирање на АВРСМ, додека наплатата на даноците и придонесите ќе се врши преку надградба на системот за наплата на даноците и придонесите на УЈП” – се наведува во предлог Законот за работно ангажирање на лица по редовна постапка.

Според законскиот предлог се предвидуваат сезонски вработувања на работници во земјоделство , како обработувачи на земјиште, возачи на земјоделски машини, берачи на земјоделски производи, шанкери, кувари, хостеси, лица кои чуваат деца и стари лица, хигиеничари.

За прв пат ќе се дозволи ангажирање на малолетно лице, односно лице помладо од 18 години доколку ги исполнува условите од општите прописи од работните односи. Сезонски, привремено ќе може да се вработуваат и невработени лица и вработени лица, студенти, корисници на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот како и страници кои ќе имаат регулиран престој согласно закон.

Приватниот сектор веќе алармираше дека се соочува со голем дефицит на работна сила и едно од барањата беше да се зголеми бројот на дозволи за работа на странци и да се поедностават административните процедури за вработување. Колку и дали овие две законски решенија ќе ја променат сликата на пазарот на труд допрва ќе се анализира.