Слабата побарувачка диктира глобалните цени на нафтата упорно да паѓаат, дури и откако Израел изврши напад врз воени капацитети на Иран за време на викендот.
Цената на нафтата, за споредба, нагло се зголеми откако Иран на 2 октомври истрела повеќе од 200 проектили кон Израел, поради стравувања дека спиралата одмазднички акции ќе го загрози производството и извозот на нафта.
Но, само два дена по одмаздничкиот напад на Израел цената на суровата нафта „брент“ во понеделникот падна за 6 отсто, а барелот американска сурова нафта се спушти под 70 долари, што е 7 долари помалку во споредба со почетокот на октомври.
Големо влијание за намалувањето на цената на енергенсите е и забавениот економски развој на Кина, која е огромен корисник на нафта и гас. Пекинг објави дека во третиот квартал очекува раст од 4,6 отсто, што е за 0,1 отсто понизок развој отколку во вториот квартал и за 0,4 отсто понизок од планираната цел.