Вториот по ред саем на добавувачи од Балканот, Suppliers Balkan Expo – SUBEX, ќе се одржи следната недела во Скопје, информира денес Антје Ванделт, директорка на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија (АХК Северна Македонија), дел од мрежата на германските стопански комори во странство.
„Особено ме радува прифаќањето на поканата од страна на Министерот за економија, Крешник Бектеши кој ќе го отвори овогодишниот SUBEX. Оваа година очекуваме повеќе од 600 учесници од шест земји, 30 компании изложувачи и 30 панелисти“, вели Ванделт писмена изјава.
На 25 октомври, фокусот ќе биде ставен на редефинирање на синџирите на снабдување, nearshoring, дигитална трансформација и одржлив развој во стопанството.
Следниот ден, 26 октомври, како што посочува Ванделт, ќе се одржи саем за вработување и кариера во соработка со Гете институт, со цел да се истакнат можностите за професионален развој во земјите од Западен Балкан како и да се придонесе за обезбедување на квалификувана работна сила во нашиот регион.
Компаниите ќе имаат можност пред бројните ученици и студенти да ги презентираат отворените работни позиции, но и да информираат за профилите кои ќе им бидат потребни во иднина. Саeмот за вработување и кариера ќе им овозможи на младите професионалци директни разговори со повеќе од 30 изложувачи.