На македонскиот пазар на осигурување живот се формира нова осигурителна компанија во која словенечки сопственици ќе вложат четири милиони евра.
По пауза од шест години на македонскиот пазар на осигурување живот се формира нова осигурителна компанија во која словенечки сопственици ќе вложат четири милиони евра. Како што денеска соопштија од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), издале дозвола за работа на нова осигурителна компанија „Прва живот“.
Основач и единствен сопственик на новоформираното друштво за осигурување живот е словенечкиот осигурителен холдинг ПРВА ГРУП (SKUPINA PRVA, zavararovalniski holding, d.d).
– Словенечката групација е реномиран холдинг кој две децении управува со пензиски фондови во Словенија, Србија, Македонија и на Косово. Групацијата има осигурителна компанија во Словенија, а се очекува нивниот влез на нашиот осигурителен пазар да ја подобри конкурентноста во секторот и да придонесе во збогатување на понудата на производи за осигурување живот, појаснуваат од АСО.
Во новоформираното осигурително друштво словенечката компанија вложила четири милиони евра колку што изнесува и основачкиот капитал на „Прва живот“. Средствата се депонирани на посебна девизна сметка на централната банка.
Советот на експерти на АСО на редовната седница го донела решението за издавање дозвола со која „Прва живот“ ќе врши работи на осигурување во рамки на групата на осигурување на живот во класата 19 – осигурување на живот.
– „Прва живот“ ќе започне со работа во рок од шест месеци од денот на издавање на дозволата за работа, а седиштето на компанијата ќе биде во Скопје. За извршен член на одборот на директори е именуван Предраг Милошевски. АСО го задолжи друштвото да назначи овластен актуар во рок од два месеци од уписот на друштвото во трговскиот регистар, се наведува во соопштението.
„Прва живот“ ќе биде шеста компанија на македонскиот пазар за осигурување живот на кој сега работат „Кроација осигурување – живот“, „Триглав живот“, „Граве“, „Винер Лајф ВИГ“ и „Уника Лајф“.
Во првите шест месеци граѓаните во петте компании за осигурување живот вложиле над 14 милиони евра во осигурување живот.
– На нашиот осигурителен пазар се вложува во три групи производи за осигурување живот. Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти, додаваат од АСО.
Официјалните податоци на компанииите за осигурување живот, се подвлекува, покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента.
– Осигурувањето живот во кое ризикот од вложување на средствата го превзема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како „јунит линкд“ осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал, соопштија денеска од АСО.