Преку ИПАРД Програмата можат да се реализираат голем број мали проекти од 10.000, 20.000 и 50.000 евра, беше констатирано на конференција за менаџирање и искористување на ЕУ фондовите.

– Неопходно е конкретно знаење, но и конкретна помош на терен бидејќи тоа и беше потребно и на Словенија. Најдобро е тие искуства да се преземаат од држава која е слична, која има иста структура на земјоделството и која има исти потреби и исти планови, истакна словенечкиот амбасадор Милан Јазбец.

Според него не е лесно да се дојде до европските пари зашто процедурите се комплексни и бирократски комплицирани. За таа цел идниот месец во Македонија ќе дојде словенечки тим кој ќе ги пренесе нивните искуства и ќе овозможи ноу-хау кој и е потребен на Македонија за ефикасно искористување на ЕУ фондовите.

 

– Постојат многу средства преку ИПАРД програмата кои во Македонија не беа искористени, а тоа е штета бидејќи тоа е најконкретен начин да им се помогне на луѓето на терен, потенцираше амбасадорот Јазбец.

Директорот на Платежната агенција на Македонија, Николче Бабовски рече дека најдобро е земјава да се фокусира на правење добар, квалитетен и конкурентен производ кој ќе и овозможи да повлече што повеќе пари.

Според него слабата екипираност, недоволната информираност и едукација на земјоделците биле главни причини за слабото искористување на европските пари. Тој додаде дека на македонскиот аграр му е неопходно модернизирање со паралелно прилагодување кон европската регулатива.

За ИПАРД 2 досега се потпишани преку 100 договори за повеќе од 4,6 милиони евра кофинансирање, најмногу во преработувачката индустрија и за обнова на земјоделската механизација. За месец до месец ипол ќе биде распишан нов повик.

– Интересот е голем и кај земјоделците и кај преработувачката индустрија, а тоа го потврдува и бројот на апликации кои на првиот повик од ИПАРД 2 достигна 1.648. Ќе направиме се за максимално да ги искористиме средствата од ЕУ, истакна Бабовски.

Според Бабовски Македонија не може да се пофали дека ги искористила средствата од ИПАРД зашто изминатите години повлечени биле само 17 отсто, а тоа Европската комисија во последниот извештај за напредокот го квалификува како незначително.

Македонија до 2020 година има на располагање вкупно 80 милиони евра за земјоделството од кои 60 милиони европски пари и 20 милиони домашна поддршка.

 

Извор: Вечер