Оштетените штедачи во Еуростандард банка во денешното соопштение до јавноста сакаат преку еден случај на давање кредит да потсетат за криминалот во банката, објавува Плусинфо.
„Имено, Вадрамини Инженеринг дооел од Струмица е фирма која должи околу 600 илјади евра до денот на затворање на Еуростандард банка. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма има земено кредит во 2018 година. Од тогаш до сега нема платено ниту една рата, ниту еден денар. А, има запишано хипотека на друг недвижен имот во износ од околу 33 илјади евра. Или обезбедување речиси дваесет пати помало од земениот кредит“, се вели во денешното соопштение.
Оттаму велат дека фирмата е основана во февруари 2016 година со непаричен влог од 5 илјади евра. Сопственик и управител на фирмата е Горан Минков, кој е и единствен вработен во оваа фирма. Во 2018 година, тогаш кога е земен кредитот, фирмата имала околу 35 илјади евра приход и загуба од 7 илјади евра. Според билансите, обврските на фирмата биле околу 900 илјади евра, додека фирмата имала негативен основен капитал во минатите години. Со задолженост од над 100 отсто, фирмата плива во долгови. На сето тоа, фирмата сега должи и повеќе од 7 илјади евра на Управата за јавни приходи.
„Кој потпишал и одобрил кредит на оваа фирма? Капацитетот на фирмата во изминатите години е да генерира годишен приход од 30 до 40 илјади евра, а постојано правела загуби. Како оваа фирма земала кредит од фантастични 600 илјади евра, за што има обезбедување 20 пати помало од висината на кредитот? Фирмата била и презадолжена за да земе кредит. Дали има некои критериуми од кредитната политика на банката кои се испочитувани? Дали некој ги видел интерните политики и процедури за кредитен ризик и одлуката за управување со истиот? На основа на што е одобрен овој кредит? – прашуваат Оштетените штедачи.