Професионалните сметководители денеска излегоа на протест пред Министерството за финансии поради, тие тврдат дека им е одземено правото на работа. Порачаа „Нема потпис, нема мир“.
Тие велат дека на околу 3000 сметководители им е одземено правото на потпис на годишните сметки и стопанството е ставено во опасност од последиците од непредавањето на сметките.
На протестот неочекувано се појави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочовска.
„Треба да се најде фер решение, напишете ми ги писмено сите забелешки и доставете ми ги“, им порача таа на сметководителите.
Ги покани да влезат и во архивата на Министерството да ги остават сите документи.
Сметководителите повторија дека бараат оние што се времено избришани од регистарот да можат да ги потпишуваат годишните сметки за 2024-та и законски измени со кои на ИСОС ќе му се одземат или строго ограничат ингеренциите за контрола на квалитет.