САД ја сменија одлуката за именување на Кина како валутен манипулатор, која беше донесена лани во август, додека двете земји работат на деескалирање на трговската војна. САД соопштија дека ја смениле одлуката бидејќи Кина се согласила да се воздржи од девалвација на својата валута, поради што кинеските производи беа поевтини за странските купувачи. Се очекува Вашингтон и Пекинг во текот на неделава да ја потпишат првата фаза од договорот, чија цел е деескалација на меѓусебната царинска војна, која почна во 2018 година.
– Кина направи значајни чекори за воздржување од конкурентска девалвација и промовира транспарентност и одговорност – изјави Стивен Мнучин, американскиот секретар за трговија.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно постојано ја обвинуваше Кина дека дозволува девалвација на јуанот, со што ги прави поевтини кинеските производи. Но САД завчера соопштија дека вредноста на јуанот е зголемена по август 2019 година.