Граѓаните кои имаат бизнис-идеја ќе може да основаат друштво со ограничена одговорност со основачки капитал од 1 евро. Ова е предвидено во предложените измени на Законот за трговските друштва.
Предлагач е Владата, а претставници се министерот Бектеши и неговиот заменик Колемишевски.
„Се овозможува основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од 1 евро од страна на лица граѓани кои имаат идеја за водење бизнис, но немаат доволно средства во износ од најмалку 5.000 евра основачки капитал за да отпочнат сопствен бизнис. Со ова се очекува и намалување на сивата економија“ е наведено во предложените измени.
Друштвото може да има најмногу до тројца основачи-физички лица, од кои еден е управител. Со оглед дека станува збор за друштво со основна главнина од 1 евро, се предлага воведување посебен режим за финанисиско работење во однос на располагање со добивката, како и обезбедување и располагање со задолжителната резерва на друштвото.