Со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе бидат набавени 35 нови автобуси на компресиран природен гас (КПГ) за Скопје, како одговор на растечката побарувачка за почист и поодржлив јавен превоз. Новите автобуси ќе ги намалат емисиите на јаглерод диоксид за најмалку 15 отсто.
„Заемот во износ од 10 милиони евра ќе го подобри и модернизира работењето на автобусите, ќе го зајакне јавниот транспорт и ќе го подобри квалитетот на воздухот. Покрај набавката на КПГ автобусите, кои ќе ги заменат постоечките автобуси кои работат на дизел гориво, проектот ќе помогне во подобрување на работењето на самата компанија, Јавно сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје, кое е во целосна сопственост на Градот Скопје“, велат од ЕБОР.
Скопје е еден 20-те градови кои се вклучија во Програмата за зелени градови на ЕБОР, под која 15 градови веќе работат со поединечни индивидуални Акциони планови за Зелени градови (АПЗГ). Набавката на новите автобуси е почеток на проектот од оваа програма за зелени градови на ЕБОР, во кој Градот Скопје планира да се инволвира.