Тур-операторите и туристичките агенции ќе мора да обезбедат банкарски гаранции во висина од приходите што ги оствариле во последната година. Со законските измени, што се во финална фаза, се воведуваат и задолжителни осигурителни полиси за туристичките аранжмани. Целта е поголема заштита на корисниците, но и можност за итно обештетување доколку се случи да не ја добијат услугата.
“Предвидено е да се менува начинот на лиценцирање на туристичките агенции, ќе има разлика меѓу тур-операторите и туристичките агенции. Ќе се воведе осигурителна полиса за аранжмани, сè со цел да им овозможиме на нашите граѓани да бидат посигурни при купување аранжмани во странство, но и на странските туристи кои доаѓаат во нашата земја”, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Со законските измени ќе се зголеми и контролата на туристичките и угостителските објекти. Министерството за економија во рамки на Државниот пазарен инспекторат ќе формира посебен сектор со инспектори специјализирани само за оваа област, а контролата ќе се прошири и на приватните лица, кои издаваат сместување преку интернет.
“Тоа е целта на новите инспектори. Тие ќе ги проверуваат сите веб страници, како Букинг, ЕрБиЕндБи и слични и врз основа на тоа ќе излезат во пресрет на граѓаните и ќе излезат во контроли, имајќи предвид дека со овие законски решенија инспекторите не може да влезат во објекти или во згради каде што тие се наведени како приватни, а истовремено се издаваат преку интернет страници”, објаснува министерот Бектеши.
Според најавите, ќе се зголемат и стандардите за категоризација, која што ќе се обновува на секои 3 или 4 години. Новиот закон ќе влезе во владина процедура кон крајот на идниот месец.