Со грант од 750.000 долари од Обединетото Кралство што ќе биде спроведен од Светска банка ќе се подобрува законската рамка и капацитетите на Министерството за економија и другите чинители во земјава за примената на јавно приватното партнерство (ЈПП) преку имплементација на проектот „Зајакнување на регулаторната рамка и јавните политики за јавно приватно партнерство и концесии во Северна Македонија”.

За таа намена денеска во Министерството за економија меморандум за соработка потпишаа британската амбасадорка Рејчел Галовеј и министерот за економија Крешник Бектеши.

-Преку проектот, за кој денеска потпишавме договор, сакаме да го поддржиме Министерството за економија да ја подобри околината за користење на ЈПП и концесиите на одржлив начин преку подобрена легислативна рамка и зајакнати владини капацитети. На тој начин се надеваме дека ќе дадеме свој придонес за доброто владение и попредвидливо бизнис опкружување кое ќе биде во корист како на домашните компании, така и на странските директни инвестиции, рече Галовеј по потпишувањето на меморандумот  и додаде дека Британија е меѓу водечките странски инвеститори во земјава.

Таа нагласи дека Обединетото Кралство ги поддржува евроатлантските аспирации на земјава во сите изминати години и оти ќе продолжи во таа насока.

-Го поддржуваме просрепритетот на земјата со бројни билатерлани проекти во областа на енергетиката, стратегијата, буџетските рформи, развивање на вештините, иновациите, дигиталната економија, образованието и младите, потенцира Галовеј.

Министерот за економија посочи дека целта на проектот е да се подобри легислативната рамка на земјава и да воведеме модел кој ќе биде основа на соработката меѓу јавниот и приватниот партнер.

-Овој модел досега не е користен толку многу во нашата држава, а се користи во развиените држави, во регионот, Европа и пошироко, вклучувајќи ја и Велика Британија. Како Министерство и Влада сакаме до крајот на наредната или на почетокот на 2021 година да имаме легислативна рамка и стратегија за овој модел, конкретни мерки и следеност на сите проекти што ќе се склучуваат или се склучувале во нашата држава. Со тоа ќе им овозможиме на потенцијалните инвеститори да имаат предвидлива бизнис клима, но истовремено нема да користиме буџетски средства за секакви проекти што треба да се реализираат, рече Бектеши.

Преку овој современ модел, како што кажа, наместо државата да инвестира во инфраструктурни или други проекти и за тоа да користи буџетски средства тоа ќе може да го направи преку ЈПП, а јавниот партнер ќе им даде можности на приватните инвеститори да дојдат да инвестираат во земјава без буџетски импиликации.

Проектот опфаќа шест компоненти од кои првата е дијагностичка проценка на постојната рамка и политика за ЈПП, втората – зајакнување на регулаторната и стратешката рамка и нивно усогласување со зконодавството на ЕУ, третата – сецификации на новиот регистер на ЈПП и концесии, четвртата –  подобрување на институционалната рамка и капацитетите за делотворно спроведување на ЈПП и концесиите, петтата – подготовка на упатства соодветни за законодавството на ЕУ и шестата – учество на чинителите и граѓаните. Ќе се спроведува 21 месец, а се очекува да придонесе за социо-економски развој на земјава преку поттикнување на конкурентност, инвестиции, трговија и технолошки иновации.

Велика Британија во 2018 година беше наш трет трговски партнер во светски рамки и учествуваше со 8,76 отсто во вкупната размена што ја имаме со Европската Унија. Во првите осум месеци од годинава со учество од 11,3 отсто Велика Британија е втор наш трговски партнер во размената со ЕУ. Интересот за билатералната трговија континуирано расте секоја година и во првите осум месеци од годинава забележан е раст од 47,2 отсто во споредба со истиот период лани.