Без да се распише јавен оглас во првите шест месеци од минатата година за јавните набавки во земјава се потрошени вкупно 11 милиони евра. Ова го покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации за јавните набавки со констатација дека расте примената на нетранспарентна постапка со преговарање без објавување на оглас.
-Во мониторираниот период, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 15 проценти повеќе од истиот период претходната година, се наведува во извештајот.
Исто така, утврдено е дека на секој трет тендер е доставена една или ниту една понуда.
–Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период во 2019 година, но влошување во однос на целата 2019 година, стои во извештајот.
Освен ова, анализата покажала дека често се случуваат и „симптоматички понуди“.
– Иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно, сепак некои понудувачи доставуваат понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност, се наведува во извештајот.
Се наведува и тоа дека на локалните тендери се забележува непочитување на Законот за јавните набавки, особено во делот на образложение на потребата од набавката и на причините за неделивост.
–Електронската аукција е користена во дури 92 проценти од тендерите, со што се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки, предупредува ЦГК.